Сега веќе актуелниот шампион на Македонија, тимот на Вардар на најдобар можен начин ја прослави освоената титула. Со победа на домашен терен во последното коло, против најголемиот ривал, екипата на Шкендија.
Конечниот резултат гласи 3:0. Во игра во која може да се каже дека обата тима одиграа растеретено, и создадоа поприлично голем број на шанси. Вардар своите ги искористи, Шкендија не.
Уште од самиот старт на мечот, Шкендија преку Мазари имаше зицер ситуација, но Талески супер брани. Закариќ на спротивната страна беше изблокиран за чист гол.
Во 20. минута на акцијата од лево и нафреланат топка по земја, Нуман Ајетовиќ наместо да расчисти си ја погоди сопствената мрежа.
Во 36. минута, Закариќ со одличен удар под пречката на голот на Амзаи погоди за двојно водство.

Талески на два пати поуспешен од Љатифи
Во 70 минута беше досуден пенал за Шкендија, откако во шеснаесетникот на Вардар беше фаулиран Вебстер.
По ВАР проверката, пеналот беше потврден, одговорноста ја презема Љатифи. Шутираше но Талески супер одбрани. На реакција на главниот судија беше востановено дека голманот на Вардар со ниту една од нозете не газел на гол линијата што е според правилата при изведување на пенал.
Истиот беше повторен. Љатифи ја промени страната, а и Давор Талески, и по втор пат одбрани.


Николов и стави „печат“ на победата
Во 80. минута, по една добра домашна акција, и лоша гостинска одбрамбена реакција, Бобан Николов од изгледна позиција реализираше за 3:0.















