Влатко Костов: Почнавме со шест играчи, завршивме со пласман во ПМФЛ!(ФОТО)

135

Брегалница и официјално од вчера е прволигаш. Сезоната во ВМФЛ ја заврши како прва и тоа во силна конкуренција со Скопје, Шкендија Арачиново, Охрид, Беласица, Детонит.

Се разбира дека за ова е најзаслужен искусниот стратег Влатко Костов кој ја врати својата Брегалница во елитата, таму каде што припаѓа.

По завршувањето на сезоната, секако и големото славје, Костов денеска на своите социјални мрежи напиша:
БРЕГАЛНИЦА Е ПРВОЛИГАШ!

Кога дојдов во клубот во јули, 2025-та година, клубот беше оставен во состојба на неизвесност околу опстанокот и со вкупно 6 фудбалери на располагање (2 сениори и 4 млади фудбалери).

Сите останати клубови од ВМФЛ веќе беа во одмината фаза од подготовките за новата сезона.

Затекнат од жалната ситуација во клубот, кој постоеше можност и целосно да згасне, се нафатив на одговорноста и успеавме набрзина да мобилизаме 18-тина фудбалери со голема поддршка од Општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов, со што во последен момент склопивме тим и успеавме со задоцнување од 20-тина дена да започнеме со подготовките.

На резултатски план, секој клуб има тешки моменти во текот на сезоната, истите секако на моменти ги имавме и ние, но се консолидиравмe, се вративме уште посилни и бевме најдобри кога беше најпотребно – во директните дуели со конкурентите за првото место.

Денес, гордо стојам пред вас, искрените поддржувачи на мојот омилен и матичен клуб, ФК Брегалница. Ви се заблагодарувам што бевте со нас во текот на целата сезона, и во добро, и во лошо. Особено ми е мило и чест што на стадионот се вратија навивачи кои долго време не ги следеа натпреварите на ФК Брегалница.

Најголема благодарност до моите херои – фудбалерите, мојот стручен штаб, и административниот персонал на клубот, на чело со претседателот на клубот.

Исклучителна благодарност од сите нас во клубот до навивачките групи „Фаланга“ и „Ултра Банда“, кои секогаш и секаде беа со нас, како и до Советот на Општина Штип и медиумите, а посебна благодарност и до градоначалникот Иван Јорданов, кој цела година со своето присуство ни беше ветер во грб. Ја користам оваа прилика, во мое лично име, да им се заблагодарам и на спонзорите кои ни помогнаа да го изодиме овој пат кон ПМФЛ.

Ова е вкупно шести обезбеден пласман на клуб од ВМФЛ во ПМФЛ во мојата речиси 30-годишна тренерска кариера (двапати со ФК Брегалница и по еднаш со ФК Осогово, ФК Куманово, ФК Турново и ФК Пелистер).

Значајно да се напомене е и дека ова е успех во кој беа вклучени и свој придонес дадоа 11 домашни/штипски фудбалери во составот.

Секако дека еден ден и јас ќе заминам од ФК Брегалница, но да знаете дека, кога тоа ќе се случи, позади себе ќе оставам клуб поставен на сериозни темели, клуб кој ќе биде гордост на градот.

Уште еднаш, ВИ БЛАГОДАРАМ и се гледаме во новата, но сега ПРВОЛИГАШКА сезона.

ПретходноСилекс се пофали: Ја продолживме соработката со нашиот тренер Васоски!(ФОТО)
СледноТажна вест: Почина легендарниот одбојкар Владимир Ѓорчески – Ципа