Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз во новата сезона од Европската лига. Попладнево во Глифада, момците на Јошко Миленкоски загубија од домаќинот на турнирот Грција со максимален резултат, во меч во кој реално можевме и до сет.
ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 3:0 (25:21, 25:20, 25:23)
Во првиот сет, Грците прилично брзо успеаја да се одлепат и да не ни дозволат да се понадеваме на добар финиш. На средина на сетот веќе имаа предност од 16:11, а до крајот на сетот успеаја да ја задржат предноста.
Вториот сет беше наша голема шанса за да се обидеме да се вратиме во егал. Водевме во најголемиот дел од сетот. Во втората половина влеговме со предност од 16:15, но во финишот дозволивме Грција да фати серија поени, да се одлепи на 21:18 и на крајот да не ни дозволи да се вратиме во игра.
Третиот сет исто така тргна со наша предност. Одигравме израмнето во 2/3 од сетот, но завршницата донесе навистина неизвесна разврска. Иако Грција имаше предност од три поени, ни успеавме да фатиме серија и да дојдеме до 22:21. По тајм-аутот на домашниот селектор, успеавме да дојдеме и до 24:23, но не и да ја одбраниме првата сет-меч топка, која значеше победа за домаќинот.
Никола Ѓоргиев заврши со 11 поени, Савовски имаше 10, додека по 7 поени реализираа Илиев и Костиќ.
За нас сега нови шанси за успех се натпреварите следната недела на Косово, каде освен со домашната селекција ќе се сретнеме и со селекцијата на Израел.










