Претседателката Сиљановска-Давкова им оддаде признание на младите ракометари и ракометарки!

55

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во претседателската резиденција ги прими машката и женската кадетска училишна ракометна репрезентација, кои освоија медали на Светското училишно ракометно првенство што се одржа во Скопје.

Младите ракометари и ракометарки уште еднаш покажаа дека македонскиот спорт има иднина, а нивните успеси беа препознаени и од највисоко државно ниво.

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, им го честиташе успехот и им се заблагодари за витешката борба и достојното претставување на Македонија на светската ракометна сцена.

„Освоените медали се резултат на истрајна работа, темелна посветеност и исклучителен талент, како и награда за манифестираната способност за рамноправен натпревар со најдобрите училишни селекции во светот, што ве прави најдобри македонски спортски амбасадори.

Ракометот е повеќе од игра – тој е животна филозофија во која се спојуваат дисциплината и страста, умот, вештината и храброста, личниот напор и колективниот дух“, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, ја истакна важноста на поканата, нагласувајќи дека за младите нема поголема инспирација кога честитките доаѓаат од врвот на државата. Мицковска и подари благодарница на претседателката Сиљановска-Давкова за сето нејзино залагање кога станува за младите.

„Неизмерно сме благодарни за укажаната покана и чест. Вашето внимание и присуство што им го посветивте на младите спортисти претставуваат силна потврда дека тие се движат по вистинскиот пат.

Вашите инспиративни и искрени зборови се дополнителен мотив за нив и во иднина да продолжат со посветена работа, да останат верни на спортот и на вредностите што тој ги гради. Спортот е универзален јазик кој обединува и создава мостови меѓу младите.

За нас претставува особена чест што токму Вие го отворивте Светското училишно првенство во ракомет – настан кој доби највисоки оценки од сите учесници, како и од пошироката јавност. Ова признание беше потврдено и од претседателот на Светската училишна федерација, Жељко Танасковиќ, што дополнително ја нагласува успешноста на организацијата и значењето на овој настан за нашата држава.

Ова се моменти кои младите спортисти ќе ги паметат цел живот – моменти што ги обликуваат нивните соништа и ја зацврстуваат нивната љубов кон татковината“, истакна Мицковска. 

Федерацијата на училишен спорт на Македонија изрази искрена благодарност до претседателката Сиљановска-Давкова за укажаната чест и поддршката што ја дава на младите спортисти. Ваквите средби претставуваат силен поттик за понатамошен развој на училишниот спорт и дополнителна мотивација за нови успеси на меѓународната сцена.

ПретходноФранцузите гневни поради теренот на кој ќе се игра финалето на Мундијалот!
СледноМиленкоски пред последниот турнир: Досега планираното е остварено, одиме на победи и во Приштина