Интересно беше и во изминатиот ден на тековниот Мундијал. Ја видовме Португалија која разочара, проследивме едно големо дерби меѓу Англија и Хрватска, како и дуелите Гана – Панама и Узбекистан – Колумбија.
За овие мечеви свое видување има Мирсад Јонуз, редовниот наш коментатор во рубриката “Коментар на денот“.
-Португалија разочара, критиките се кон Роналдо…
„Според мене ова е најголемото разочарување. Јас да сум на местото на Мартинез и јас би го ставил Роналдо во тимот. Зошто да не? Видете, не е само Роналдо проблемот. А каде беа тие другите, тие што имаат и тоа каков квалитет. Тотално разочараа, не може сега сета вина да се стави врз името на една легенда. Никаков пас, никакво менување на ритамот, стоечки не се игра фудбал и тоа против еден Конго кој се покажа во извонредно светло. Португалија мора нешто да менува, вака не оди. Да, ова е прв меч на СП, но се гледа дека таму нешто не штима што се вели. Да ги имаш во средниот ред Бруно, Витиња и останатите, и да немаш пробивање во длабочина или по страна, тоа е за осуда. Ништо, тотално ништо, нека се радуваат и на бодот по тие 1:1“.
-Англија одигра одличен меч…
„Да, апсолутно. Ако се стегнат уште повеќе тогаш ќе бидат меѓу ТОП 3 фаворити за титулата. Имаат квалитет за извоз, два идентични тима по квалитет, разигран Кејн. Јасно е дека покажаа и слабости, па ова е прв меч, ама тоа што го видов во второто полувреме со тој висок пресинг просто ме воодушеви. Овој меч можеби беше најдобриот досега на Мундијалот. Излегува Мадуеке а влегува Сака, излегува Гордон а влегува Рашфорд, ова е само пример со каков потенцијал располага селекторот Тухел. Секоја чест. Кога сме кај Хрватска, поточно кај Модриќ еве читам критики и за него и тоа во неговата земја. Па, добро, што сакаат тие? Човекот ги однесе до две медали на последните Мундијали, ја прослави својата земја, беше еден од најдобрите во светот во последните 10-15 години. И место да му изградат споменик среде Загреб, најголем во светот, тие удираат против него. Неверојатно. Јасно е дека Модриќ нема сила за 90 минути, но има сила за 45 минути и тоа мора во разговор со Далиќ да се реши. Исто така Ковачиќ мора да биде стартер. Да не заборавам, јас да сум на местото на Далиќ и тоа како ќе удрам со шлаканици по дефанзивците. На што личеше тоа? Никакво покривање, нема комуникација, како да се зафркаваа. Среќа што го имаа Ливаковиќ на голот инаку ќе беше потоп. Сепак Хрватска е силна репрезентација, секако дека ќе ја мине групната фаза“.
-Гана едвај победи со Панама…
“Во 2018 на СП во Русија тогаш во Сочи ја гледав Панама и тоа беше очајно. А сега покажаа колку напреднале. Се носеа со една Гана, која е меѓу 3-4 најдобри селекции во Африка, цело време до таа 90+5.минута, Немаа среќа едноставно. Секоја чест за Панама за тоа колку во овие осум години напреднале, тоа е неверојатно. За Гана што да се каже? Одлична репрезентација која со овие три бода има шанси да оди натаму иако допрва треба да игра со Англија и Хрватска“.
-Колумбија убедлива со Узбекистан…
„Колумбија има одлична репрезентација, огромен поединечен квалитет, го имаат еден Луис Диаз, со тоа се е кажано. Импонира тоа што постојано “гризат“, знаат да бида дисциплинирани, имаат голема мотивација и не ме изненадуваа оваа победа од 3:1. Имаат потенцијал далеку да стигнат, сепак ова е само прво коло, допрва ќе видиме што и како“ заклучи нашиот коментатор Мирсад Јонуз.










