Македонија дефинитивно со нов селектор на ЕП, РФМ не му даде нов договор на Грчевски

284

Македонската женска сениорска ракометна репрезентација со нов селектор ќе настапи на Европското првенство кое оваа година ќе се одржи во пет земји: Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција од 3 до 20 декември оваа година.

Според нашите информации, раководството на РФМ нема да ја продолжи соработката со Кристијан Грчевски чиј договор истече по завршување на квалификациите за ЕП.

Во моментов се размислува за неговиот наследник, а најблиску до клупата на националниот тим е Јулијана Дамчевска. Поранешната македонска репрезентативка долго време е во женскиот ракомет, таа беше селектор на младинската и кадетската  репрезентација. Дамчевска долго време е дел од тимот на ЖРК Металург Автокоманда.

Останува кон крајот на овој месец РФМ и официјално да објави кој ќе ја води Македонија на ЕП.

Нашата селекција е сместена во групата Б, каде ќе игра против Норвешка, Романија и Швајцарија. Натпреварите од групната фаза ќе се играат во Клуж.

ПретходноВиктор Петровски: Овие кошаркарки заслужуваат голема почит
СледноВардар против ГРК Охрид: Познато е кога се игра Супер Купот!