Јакимовски: Добра подготовка, за потврда на првото место во групата

53

Македонскиот кошаркарски национален состав веќе неколку дена се подготвува за јулскиот репрезенаттивен прозорец. Во него Македонија ги има на менито мечевите од  претквалификациите за Европското првенство во 2029 година против Ирска и Луксембург.

Нашиот национален тим полека се комплетира, а од вчера на подготовките во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје е и Андреј Јакимовски.

Репрезентативното крило очекува тежок натпревар против Ирска, но верува во квалитетот и подготвеноста на македонскиот состав.

„Не очекува еден од најбитните натпревари досега. Со победа против Ирска ќе го обезбедиме првото место во групата и затоа мора да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме нов играч во репрезентацијата, хемијата во тимот е добра и останува на нас да победиме“, вели Јакимовски.

Ирска во Скопје ќе пристигне со променет состав, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред средбата.

„Ќе биде тешко, затоа што Ирците доаѓаат со нова екипа. Со пет-шест нови играчи. Не знаеме колку се тие добри играчи и како играат, но останува на нас да го добиеме натпреварот“, додава македонскиот репрезентативец.

За разлика од претходниот февруарски циклус, националниот тим овојпат има повеќе време за подготовка и за запознавање со барањата на новиот стручен штаб.

„Имаме доволно време да се запознаеме со она што го бара селекторот, со неговиот систем и начин на работа. Работиме напорно секој ден и засега работите одат одлично“, истакнува Јакимовски.

Пред официјалните натпревари од ФИБА „прозорецот“, Македонија ќе одигра уште една контролна средба. Утре од 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје следува проверка против Бугарија.

Главниот предизвик, сепак, е дуелот со Ирска на 2 јули, по што на 5 јули следува гостувањето кај Луксембург – последниот натпревар од овој циклус.

ПретходноТурците побараа да се повтори натпреварот против Парагвај – причината е комична!
СледноЕХФ потврди: Голот на Манасков е најубавиот во изминатата ЛШ сезона (ВИДЕО)