Како никогаш досега, фудбалскиот шампионат на Македонија ќе стартува во пеколниот јули, и тоа со премиерното коло закажано за 25 јули. Тоа е точно еден месец од денес, кога шампионатот со 10 клуба, кои ќе играат во четирикружен систем, ќе го добие својот нов почеток.
Но, алармантно е тоа што барем половина од екипите се без никаква активност. Подготовките сѐ уште не се почнати во Брегалница Штип и Башкими, кои чекаат нови газди и спонзори, а фудбалерите и стручните штабови чекаат и чекаат… но абер за старт сѐ уште нема. Не се тренира ниту во Арсими, а без поголема активност е и ФК Скопје.
Ова е повеќе од алармантно ако се знае дека според сите норми и критериуми, за квалитетна подготовка на една екипа пред стартот на новата сезона се потребни најмалку 40 дена. Сѐ што е помалку од тоа е импровизација и тежок аматеризам.
За потсетување, летниот преоден рок во Македонија започна пред десетина дена.
Европа ги „разбуди“ Вардар, Шкендија и Силекс
Веќе со денови активни се нашите клубови кои ќе ја претставуваат Македонија во новата сезона од натпреварувањата на УЕФА. Првакот Вардар веќе две недели се подготвува во Италија, Шкендија под водство на новиот тренер Артим Положани работи во турбо ритам во Словенија, додека Силекс е во Охрид, каде што се подготвува за дуелите со Динамо Минск во Конференциската лига.
Идната недела трите македонски претставници ги очекуваат европски предизвици, па затоа подготовките кај нив веќе одамна се во полн ек.
Од Шкендија Арачиново се најактивни
Новиот прволигаш Шкендија од Арачиново се чини дека е најактивен меѓу екипите кои се подготвуваат за новата сезона. Клубот навреме ги започна подготовките и речиси секојдневно објавува нови имиња кои ќе го засилат тимот во пресрет на дебитантската сезона во елитното друштво.
Тоа е јасна најава дека овој клуб има сериозни амбиции во Првата лига и не планира да биде само краткотрајна епизода меѓу најдобрите.
Активен е и Тиквеш, кој се раздели со 11 фудбалери, но донесе квалитетен тренер и веќе ангажира неколку звучни засилувања за новата сезона. Клубот наскоро заминува на подготовки во Турција.
Во Струга исто така има тренинзи и одредени движења во играчкиот кадар, но најавите се дека клубот ќе работи со поскромен буџет и ќе мине низ значителна реконструкција на екипата.















