Селекторот Берокал мора да менува половина ростер за мечевите со Ирска и Луксембург

287

Македонската репрезентација ќе влезе во завршните натпревари од претквалификациите за Евробаскет 2029 со значително изменет состав во однос на првиот дуел со Ирска одигран во Даблин.

Селекторот на националниот тим, Жозеп Мариа Берокал, ќе треба да направи сериозни корекции во играчкиот ростер пред двата клучни натпревари од јулскиот ФИБА прозорец против Ирска и Луксембург.

За разлика од мечот одигран на 30. ноември во Даблин, каде Македонија славеше убедлива победа со 88:76, во актуелниот состав се очекуваат дури шест промени. Од тимот кој го предводеше неговиот претходник, во ростерот на Берокал остануваат само половина од играчите кои беа дел од тој триумф.

Во моментов, селекторот може да смета на капитенот Војдан Стојановски, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, Валмир Какруки, Виктор Ташовски и Лука Стојановски.

Од составот кој ја донесе победата во Арената во Даблин, овојпат ги нема Андреј Магдевски, Андреј Митревски, Адем Мекиќ, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли и Лејсон Зеќири.

Тоа остава шест слободни позиции за конечниот избор на 12 кошаркари кои ќе бидат во комбинација за претстојните дуели.

Меѓу кандидатите за место во финалниот ростер се и Виктор Ефремовски, Тома Стојаноски, Петар Бошалески, Марко Луканоски и Павел Иванов, како и натурализираните кошаркари Ди-Џеј Стјуард и Нејт Сестина, кои го одработија денешниот тренинг во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Дел од нив веќе добија минутажа во подготвителниот период, а настапија и на последната контролна средба против Бугарија, во која Македонија стигна до победа од 91:87.

И во овој претквалификациски циклус повторно се потврдува проблемот со комплетирањето на ростерот, што влијае врз реализацијата на планираните активности и подготовката на тимот за најважните натпревари во борбата за пласман во главната квалификациска фаза за Евробаскет 2029.

ПретходноАмериканците не му дадоа виза на навивачката икона на ДР Конго
СледноГотово е: Растодер потпиша за Панатинаикос, се чека промоција!