Сестина: Победи и добри резултати е нашата заедничка цел

65

Новитетот во македонскиот кошаркарски национален тим, Нејт Сестина, конечно е фит и подготвен за настап во дресот со државен грб. Претходно повредата го спречи да дебитира за Македонија но тој овојпат се стави на располагање на селекторот,  Жозеп Марија Берокал.

Играчот со евролигашко искуство веднаш се стави во функција на тимот кој ги одработува последните подготовки пред клучните натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2029. Првиот предизвик е дуелот со Ирска на 2 јули во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Сестина вели дека првите впечатоци од новата средина се одлични и дека со нетрпение го очекува моментот кога ќе го облече македонскиот дрес на официјален натпревар.

„Одлично се чувствувам овде. Тимот ми посака добредојде и моето прво искуство во Македонија е одлично. Имаме добар тим кој може да се натпреварува. Возбуден сум што имам шанса да играм на теренот со овие играчи, верувам дека исто се чувствуваат и моите соиграчи“, вели Сестина.

Заедничката работа и следењето на замислите на стручниот штаб се главниот фокус во пресрет на дуелите со Ирска и Луксембург.

„Работиме заедно, гледаме да се држиме до планот на игра, затоа што нашата заедничка цел е да победуваме и да имаме резултати“, додава новиот репрезентативец.

Од кошаркарот кој во последните сезони беше дел од европски гиганти се очекува да донесе квалитет во шутот, енергија и искуство на теренот.

„Од мене може да очекувате добра енергија, шут за три поени, но и тимска пожртвуваност. Јас сум момче кое сака тимска игра и работи за тимот. Се радувам на новиот предизвик и чекам на следниот меч“, порача Сестина пред своето деби во македонскиот национален тим.

 

ПретходноАнисимова сепак пресилна за Лина Ѓорческа
СледноОгромен скандал во Србија… пораки преку Скај апликацијата за ликвидација на Немања Видиќ!!!