Стојаноски: Целта е две победи од двата квалификациски мечеви

46

Македонскиот машки кошаркарски национален тим е на самиот крај од подготовките за двата дуели од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Македонија има пред себе мечеви против Ирска односно Луксмебург, мечеви на кои реално имаме фаворитска улога.

Во ростерот на селекторот повторно е и Тома Стојаноски, кој е подготвен да го даде својот придонес во сениорскиот национален тим.

Крилниот кошаркар зад себе има комплетен период на подготовки, а фокусот сега е насочен кон првиот предизвик – дуелот против Ирска.

Македонија утревечер од 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ја пречекува Ирска, додека три дена подоцна следува гостувањето кај Луксембург.

„Атмосферата е одлична. Имавме два пријателски натпревари, од кои првиот не заврши позитивно за нас, но во меѓувреме се рекупериравме. Ни се приклучија и двајцата наши натурализирани играчи, а од тимот кој настапи на контролата во Самоков, сега ги имаме и Јакимовски и Војдан Стојановски“, вели Стојаноски.

Репрезентативецот смета дека тимот е подготвен за предизвикот и има јасна цел во претстојните два натпревари.

„Во изминатиот период направивме добри тренинзи и скаутинг со стручниот штаб. Мислам дека имаме добра и солидна екипа со која сакаме две победи во овој „прозорец“. Прва задача ни е Ирска, прво да завршиме работа со нив, а потоа ќе мислиме на Луксембург“, додава македонскиот кошаркар.

Стојаноски открива дека стручниот штаб веќе детално го анализирал противникот и очекува поинаков состав од оној со кој Македонија се соочи во претходниот дуел.

„Ирска има скоро шест до седум нови играчи. Се работи за помлади имиња кои играат во американската колеџ-лига. Ги видовме повеќето од нив преку видео-анализата. Играат брза кошарка, а ние мораме први да го поставиме темпото и да дојдеме до победа пред нашата публика“, потенцира Стојаноски.

ПретходноПолувреме: На повидок сензација – ДР Конго со водство против Англија!(ВИДЕО)
СледноМалески “тресеше“ за реми за Струга ТЛ против Динамо Сити