Македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира во четвртфиналето на Macedonian Open откако во мечот во второто коло го победи Лиам Деликата од Малта со 2-0 во сетови (64 63) за 108 минути игра. Поради дождот вчера и должината на мечевите Ивановски на терен се појави доцна попладне и буквално пред стемнување го заврши мечот.
Во првиот сет Ивановски направи брејк за водство од 3:1 во гемови, но Деликата успеа да изедначи на 3:3. Сепак во завршницата на сетот Ивановски имаше уште еден брејк и сетот го заврши со 6:4 во гемови. Во вториот сет македонскиот тенисер стигна и до предност од 4:1, но ривалот направи брејк и намали потоа на 4:3. Следните два гема му припаднаа Ивановски за конечни 6:3.
Утре во четвртфиналето противник на Ивановски ќе му биде Александер Вајс од Италија (носител број 6), кој денеска имаше два меча прво го совлада Амар Хусеиновиќ (Македонија) со 2-0 во сетови, а потоа беше поуспешен од Каспер Симковјак (Полска) со 2-0 во сетови.
Мечот на македонскиот тенисер Обрад Марковски против Владислав Орлов од Украина (носител број 4) е прекинат поради темница во вториот сет при резултат 6:3 во првиот сет и 2:2 во вториот сет. Продолжението на мечот ќе биде утре.
Во конкуренција на двојки Кристијан Јанев и Стефан Мицов го загубија продолжението на мечот со Радослав и Васил Шандаров со 2-0 во сетови (64 64). Македонската комбинација Ѓорѓи Јанкуловски и Дарко Колевски загубија од Никола Керемидџиев и Давид Симеонов од Бугарија со 2-0 во сетови (62 61).
Во второто коло во двојки ќе настапи Амар Хусеиновиќ, кој игра заедно со Роман Постолка од Чешка, нивните ривали Владислав Орлов и Каспер Симковјак го предадоа мечот.










