Берокал задоволен: „Еден ден ќе уживаме за победата, а потоа ни следи пат кон Луксембург“

103

Македонската сениорска репрезентација ја исполни и првата цел зацртана во јулскиот ФИБА „прозорец“. Со убедливата победа над Ирска (77-56), нашиот национален тим го обезбеди првото место во групата „А“ од претквалификациите за Евробаскетот 2029 и избори пласман во следната натпреварувачка фаза.

Во салата „Лазар Лечиќ“, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал одиграа уште еден зрел и дисциплиниран натпревар. Одбраната повторно беше на високо ниво, а во нападот Македонија знаеше како да ги казни грешките на противникот и без поголеми резултатски осцилации да стигне до петтата победа во исто толку одиграни натпревари.

По завршувањето на средбата, селекторот не го криеше задоволството од оствареното, но потенцираше дека работата сè уште не е завршена.

Мислам дека одигравме добар натпревар. Не беше лесно да се победи, но ние се адаптиравме на играта на противникот. Бевме добри во одбраната, најдовме решенија и во нападот, па успеавме да ја оствариме целта и да се квалификуваме за следниот круг.Немаме многу време за одмор, сега ни следи Луксембург, кој ќе ни биде увертира за следната рунда.

Среќен сум од остварената цел. Во овој „прозорец“ видов повеќе кошаркари и сум задоволен. Видов повеќе домашни играчи, шанса добија нови имиња како Марко Луканоски, Петар Бошалески и Павел Иванов, а ги увидов и квалитетите на Нејт Сестина и на Стјуард Јуниор.

Еден ден ќе уживаме за победата, а потоа ни следи пат кон Луксембург. Ќе се подготвуваме за тој натпревар, секако дека желбата е уште еднаш да се победи, изјави Берокал.

Освен резултатот, јулскиот циклус донесе и дополнителна вредност за националниот тим. Стручниот штаб доби можност да им даде значајна минутажа на повеќе млади кошаркари и да го прошири изборот на играчи на кои ќе смета во продолжението на квалификацискиот процес.

Македонија веќе в недела ја очекува последниот предизвик во оваа фаза – гостувањето во Луксембург.

Натпревар кој нема да го промени пласманот на табелата, но ќе биде можност нашата репрезентација со максимален ефект, шест победи во шест натпревари, да стави печат на исклучително успешниот настап во претквалификациите за Евробаскетот 2029.

ПретходноУЕФА: Вардар казнет со 250.000 евра и опомена пред исклучување!
СледноПолувреме: Ојарзабал “тресеше“ за водство на Шпанија (ВИДЕО)