Австралиецот овој викенд е во Рио де Жанеиро, каде учествува на новата станица од егзибицискиот турнир UTS на Патрик Муратоглу, а во разговор за „Tennis Majors“ ги издвои мечевите против Роџер Федерер и Рафаел Надал.
„Играв против Федерер во Мајами во 2017 година и тоа беше една од најлудите атмосфери што некогаш сум ги доживеал. Исто така, против Федерер во Женева беше неверојатно, можеби дури и полудо, голема борба во три сета“, изјави Кирјос.
Посебно го памети и дуелот со Надал во Акапулко.
„Против Надал во Акапулко, и тоа беше лудница. Така што навикнат сум да играм во непријателско опкружување“, додаде Австралиецот.
Кирјос признава дека во текот на кариерата уживал во улогата на играч кој ја провоцира публиката и противниците.
„Луѓето знаат дека сум тука за да се натпреварувам, но и да создадам забавна и електрична атмосфера. Мислам дека на почетокот од кариерата уживав да ја играм улогата на негативец. Сакав да бидам лошото момче и уживав да ги нервирам луѓето“, рече Кирјос.
Сепак, тврди дека денес на сето тоа гледа поинаку.
„Сега само уживам во секој аспект од тоа“, порача австралискиот тенисер.










