Ивана Гакидова го засили полски Калиш!

36

Македонската репрезентативка, Ивана Гакидова во новата сезона ќе го носи дресот на полскиот тим Калиш. Во овој клуб доаѓа откако минатата сезона ја мина во Кобержице, а претходно настапуваше за романската Слатина. Таа е петтата Македонка која во новата сезона ќе ја гледаме во полскиот шампионат, претходно во Калиш потпиша Драгана Петковска, а таму се Марија Гугуљанова (Пјотрковија), Јована Кипријановска и Ивана Арсениевска (Старт Елблаг).

„Многу сум среќна што ја продолжувам кариерата во Калиш и што се приклучувам на овој тим. Подготвена сум за нови предизвици и ќе направам сè што можам за да му помогнам на тимот да ги постигне најдобрите можни резултати. Едвај чекам да се сретнам со навивачите и се надевам дека заедно ќе имаме многу причини да славиме оваа сезона“, вели Ивана Гакидова.

Таа на меѓународна сцена настапи за турската Анталија, норвешкиот Молден, француските Стразбург и Стела Сен Маур, чешкиот Бањик Мост и српската Наиса Ниш. Во Македонија играше за Металург и Вардар, а потекнува од школата Кастратовиќ.

ПретходноШкендија првите два домашни меча во ПМФЛ ќе ги игра во Скопје
СледноКожув го потпиша првиот странец!