Од карате, кошарка и фудбал до ФИФА елита: Ивана Пројковска за патот до светскиот врв!

119

Зоран Ѓоршоски 

Ивана Пројковска е синоним за жена – судија во фудбалот во Македонија. Веќе извесен период важи за најдобра судијка во мак-фудбалот, одамна е со ФИФА амблемот. Судијка која е во елитната група, една од најдобрите во Европа и светот. Со нејзе фудбалска Македонија се гордее, покажува и докажува дека и оваа држава може да изнедри и тоа каков квалитет. Како беше она – светско а наше. Пројковска веќе е етаблирана како судијка во ПМФЛ, суди во женската ЛШ, ја делеше правдата на Копа Америка како единствена од Европа, како и на СП и ЕП за помлади категории. Се пробива во светскиот фудбал со својот квалитет, само така се успева.

Веќе извесно време посакувавме да направиме интервју со оваа дама од фудбалските терени во „Женски спортски приказни“, и конечно успеавме, а повод по малку беше и штотуку завршениот Мундијал на која Ивана беше присутна. Се разбира таа ќе ги сподели своите впечатоци од својот престој во САД и Канада. Говори и за својата кариера, судењето секако, почетоците и се она што е интересно за нашите читатели а е поврзано со Ивана Пројковска.

 

За време на СП 2026, Ивана беше во САД и Канада. Впечатоците од спектаклот, од Мундијалот. Таму беше како фан, приватно, или…?

„Бев во САД и Канада и приватно и службено и како фан, микс од се по малку. Секој Мундијал си има нешто свое и е поразлично од останатите. Ова за мене беше трето Светско првенство по ред и како и секогаш впечатоците се одлични. Вратена дома побогата за уште едно искуство и уште една земја плус на мојата листа“.

Виде во живо што значи еден ваков фудбалски Мундијал? Веројатно како судијка најголемо внимание посвети на судењето?

“Па, искрено овој пат не, бидејќи после 13 години решив да си дадам 10 дена одмор. И ние судиите сакаме некогаш малку да одмориме и да го гледаме натпреварот како обичен гледач и навивач. Меѓутоа толку ми е навлезено судењето во крвта, што секогаш внимавам на позиционирањето, комуникацијата, примената на правилата и начинот на кој судиските тимови управуваат со натпреварот. Секој натпревар е можност да се научи нешто ново, без разлика колку долго сте во оваа професија“.

ФУДБАЛСКА МАКЕДОНИЈА СЕ ГОРДЕЕ СО ИВАНА

Што значи да се биде најдобрата судијка во Македонија?

“Тоа е голема чест, но и уште поголема одговорност. Секое признание го гледам како поттик да работам уште повеќе. Најважно ми е со својата работа достоинствено да ја претставувам фудбалската федерација и Македонија на меѓународната сцена“.

Од каде една дама, во „машки спорт“ според некои мислења, според некои стереотипи и дали Ивана смета дека ги урива тие стереотипи?

“Верувам дека фудбалот одамна не е машки или женски спорт. Тој им припаѓа на сите што имаат желба, знаење, квалитет и страст. Ако мојата кариера помогнала да се сменат некои стереотипи и да ги охрабри младите девојки, тогаш тоа ми е особено драго“.

“ПРИКАЗНАТА“ ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ, ОД КАДЕ ИВАНА ВО ФУБАЛОТ КАКО И ЗА ОБРАЗОВАНИЕТО

Почетоците на “приказната“ за Ивана за судењето? Дали тоа беше желба уште од мала особено ако се знае дека претходно беше и кошаркарка, каратистка и фудбалерка? Што пресуди Ивана да стане фудбалска судијка?

„Од мала сум во спортот. Тренирав кошарка, карате и фудбал. Судењето дојде како нов предизвик и многу брзо сфатив дека токму таму се пронаоѓам. Од тогаш па до денес секој чекор беше резултат на многу работа и посветеност“.

Ивана има завршено Полициска академија а и е магистер по форензичка физика. Токму затоа прашањето е дали ова е помага на теренот, во рационалноста на донесување на одлуките?

„Секако. Образованието ме научи аналитички да размислувам, да останам смирена под притисок и брзо да донесувам одлуки. Тоа се квалитети кои се исклучително важни и за еден судија“.

Има ли разлика да се суди во машки и женски фудбал? Некои велат дека е потешко со жените?

„Секој натпревар е различен. Има разлики во динамиката и стилот на игра, но принципите на судењето остануваат исти. Секој натпревар бара максимална концентрација и професионален пристап“.

Таа суди и во ПМФЛ во Македонија, како реагираат фудбалерите во нашата лига кога ќе те видат на терен и како прифаќаат одлука која не им се допаѓа?

„На почетокот можеби имаше повеќе љубопитност, но денес мислам дека најважно е како ја работите својата работа. Играчите го почитуваат квалитетот и конзистентноста. Нормално е да има несогласувања во жарот на играта, но по натпреварот останува меѓусебната почит. Секогаш има исклучоци меѓутоа генерално во ПМФЛ имаме многу културни и коректни фудбалери“.

Фудбалската јавност во Македонија со воодушевување ги следи успесите на Пројковска во Европа и во светот. Вашиот коментар за тоа?

“Навистина ми значи кога чувствувам поддршка од македонската јавност. Тоа ми дава дополнителна мотивација и чувство дека секој мој успех не е само личен, туку успех и за македонското судење и на сите граѓани во Македонија. Секогаш ќе дадам сè од себе достојно да ја претставувам нашата држава“. 

ЗАД СЕКОЈ УСПЕХ СТОИ ГОДИНИ И ГОДИНИ МАКОТРПНА РАБОТА

Одамна го имаш ФИФА амблемот, судијка во елитната група, една од најдобрите во Европа. Сето тоа да се постигне треба да се вложи многу труд, одрекување и работа и само работа?

“Нема тајна формула. Зад секој успех стојат години работа, дисциплина, физичка и психолошка подготовка, анализа, патувања и многу лични откажувања. Ако сакате да бидете дел од елитата, мора секој ден да работите како да сте на самиот почеток“.

Како е да се суди на такви гиганти како Барселона, Реал Мадрид, Арсенал, Баерн Минхен, да се судат врвни натпревари во Лигата на Шампионите?

“Тоа е огромна чест, но и голема одговорност. Кога ќе започне натпреварот, имињата на клубовите остануваат на страна. За судијата сите се еднакви и единствено важно е правилно да се применуваат правилата. Токму тоа е суштината на професионалното судење“.

Ја делеше правдата на СП и ЕП за младинци, потоа судеше и на женската Копа Америка? Впечатоците од тој шамионат каде беше како единствена од Европа?

“Тоа беше едно од најубавите искуства во мојата кариера. Да се биде единствен претставник од Европа на едно такво натпреварување е голема чест и признание. Имав можност да работам со врвни судии од целиот свет, да разменуваме искуства и да стекнам пријателства кои траат и денес“.

Пројковска е позната како дама со карактер на теренот, никогаш не ја губи  контролата врз играта. Го респектира секој што е на теренот, и знае дека одговорноста кај судиите е огромна. Каков е притисокот во тие моменти кога се решава мечот а таа мора да донесе одлука во дел од секундата?

“Притисок секогаш постои, особено кога знаете дека една одлука може да го промени текот на натпреварот. Но токму затоа постојат подготовките. Анализираме, тренираме и работиме секој ден за во тие моменти да останеме смирени и сигурни. Најважно е да верувате во себе и во она што сте го виделе“.

ПОКРАЈ ФИЗИЧКАТА, НЕОПХОДНА Е И МЕНТАЛНА ПОДГОТОВКА

Како изгледа тренингот на Ивана кој и помага да се биде во топ форма, за да може да биде дел од судиската елита во светот?

“Тренинзите се секојдневни и многу разновидни. Вклучуваат трчање, интервални тренинзи, вежби за сила, стабилност и мобилност, но и многу работа на менталната подготовка. Покрај физичкиот дел, големо внимание посветувам и на анализа на натпревари и постојано усовршување на познавањето на правилата.

Момент од досегашната кариера која е врежан во нејзината меморија?

“Тешко е да издвојам само еден момент, затоа што секој натпревар има посебно значење. Но секое мое прво појавување на големо натпреварување секогаш ќе има посебно место во мојата меморија, затоа што претставува потврда дека целиот вложен труд се исплател“.

САМАТА СУМ НАЈГОЛЕМ КРИТИЧАР

Знае ли Ивана после натпреварот да си каже – Браво Ива, денеска беше одлична?

“Знам да бидам задоволна кога ќе почувствувам дека сум ја завршила работата на најдобар можен начин, но секогаш сум и најголемиот критичар на самата себе. По секој натпревар следува анализа и размислување што може уште подобро следниот пат“.

Понекогаш треба да си одвоиш време за самата себе, како го поминуваш слободното време кога немаш обврски во фудбалот и околу фудбалот?

“Слободното време најмногу сакам да го поминувам со семејството и другарите. Сакам да патувам, па секоја можност ја користам за посета на  некоја нова држава во светот. Тоа ми помага да се одморам и да ја вратам енергијата за новите предизвици“.

Реакциите од твоите најблиски за она што го работиш, дали ја имаш нивната поддршка и дали се горди на твоите успеси како фудбалска судијка?

“Нивната поддршка ми значи најмногу. Без семејството и најблиските многу потешко би се стигнало до ова ниво. Тие беа со мене и во најтешките моменти и во најубавите, а нивната доверба и поддршка ми даваат дополнителна сила“.

Кога сме кај успесите, на што досега си најмногу горда, на кое признание и дали има Ивана некоја желба која допрва треба да биде остварена во фудбалот?

“Можеби ќе звучам премногу нарцисоидно, меѓутоа може слободно да си кажам дека најгорда сум си на самата себе. Признанијата се само потврда за она што го работите или постигнувате. Горда сум што успеав да стигнам до највисокото европско и светско ниво и што преку мојата работа ја претставувам Македонија. Секое меѓународно назначување е признание кое многу ми значи. Желби секогаш има – додека работите со љубов и амбиција, секогаш постои следен предизвик и следна цел“.

Која е пораката на Ивана за сите оние млади фудбалски судијки кои се на почеток на своите кариери, а мечтаат еден ден да бидат како неа?

“Да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат. Патот до успехот не е лесен и бара многу работа, дисциплина и трпение, но секој вложен труд се враќа. Не дозволувајте предрасудите или неуспесите да ве обесхрабрат. Ако навистина го сакате тоа што го работите и сте подготвени да дадете сè од себе, резултатите ќе дојдат“ порача на крајот Ивана Пројковска, нашата најдобра фудбалска судијка. 


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМанчестер Сити ги продолжи договорите на Доку и Хусанов
СледноОфицијално: Клоп е нов селектор на Германија