Вардар тргнува во одбрана на шампионската титула

93

Денеска на Арената Тодор Проески во Скопје со почеток од 17:00 часот, се игра дуелот помеѓу Вардар и Брегалница во рамките од првото коло од новиот ПМФЛ шампионат сезона 2026/27.

Вардар на домашен терен против новиот прволигаш ја стартува одбраната на титулата освоена минатата сезона. Со нов тренер но стари амбиции, шампионот има задача да повторно да ја оправда фаворитската улога и епитетот најтрофеен македонски фудбалски колектив.

Новиот стратег, Кристијан Фабијани се испроба во Европа, односно во квалификациите за Лигата на Шампионите, и Лигата на Конференции, а сега е време да го „почувствува“ и домашниот ПМФЛ шампионат.

„Почнува новата сезона, а Вардар ја брани титулата. Тоа значи дека имаме и обврска да играме во шампионски стил и да победуваме. Верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и дека ќе успееме да дојдеме до триумф, иако имаме апсолутен респект за Брегалница. Штипјани имаат квалитетен тим и сигурно имаат што да понудат во Првата лига оваа сезона. Сепак, ние сме максимално фокусирани и нема да дозволиме да бидеме изненадени“, вели Димитар Тодоровски.

Денешниот меч со оглед на сеуште активниот статус во Европа, Вардар би требало да го одигра во комбиниран состав, за да дел од стартерите од дуелот со Рига изминатата недела добијат некој ден повеќе одмор.

„Секој натпревар има своја важност, воопшто не го потценуваме домашното првенство во овој момент. Верувам дека стручниот штаб ќе ја распореди силата и енергијата во тимот и дека Вардар ќе стигне до три бода, секако и со помош од своите верни навивачи.“ – додаде Тодоровски.

Во секој случај кој и да настапи денеска на нашиот најголем стадион во „црвено – црниот“ дрес има императив пред себе, трите бода и ништо друго.

 

 

 

 

ПретходноДемири: Арачиново е подготвено за ПМФЛ авантурата
СледноВардар во Црна Гора бара спас за одбраната – пикиран е Душан Лагатор!?