Миовски: Хиберниан е одличен состав, но секогаш е убаво клуб од Македонија да видиш на вакво ниво

168

Екипата на Шкендија е на прагот повторно да биде дел од групната фаза од Конференциската лига, нешто што на тетовци им појде од рака минатата сезона.

И годинава, тие одлично движат низ квалификациските рунди, и веќе се стигнати до третата.

Во неа, на мегдан се излегува со екипата на Хиберниан од Шкотска, исклучително квалитетен состав, кој што одлично котира во тамошната Премиер лига.

А таму пак, еден од авторитетите, секако е македонскиот репрезентативец и интернационалец, Бојан Миовски, кој што за СпортСпорт специјално го прокоментира противникот на Шкендија. Го познава секако, затоа што Миовски играше за Абердин, по епизодата во шпанска Џирона, се врати во Шкотска и стана дел од големот Ренџерс.

Силни, незгодни и мотивирани на домашен терен

„Хиберниан е одлична екипа. Ги познавам одлично, бидејки имам играно многу пати против оваа екипа до сега и знам дека се физички многу силни, играат со висок интензитет и секогаш се незгодни противници, особено дома. Во Шкотска нема лесни натпревари и Хиберниан е клуб што секогаш знае да направи проблеми на секоја екипа“ – вели Миовски за СпортСпорт па додава.

Одлично е да се види клуб од Македонија на ова ниво

„Од друга страна, како Македонец ми е мило што Шкендија ја претставува Македонија во Европа. Секогаш е убаво да гледаме македонски клубови како се натпреваруваат на ова ниво и им посакувам да се претстават во најдобро светло“ – истакнува напаѓачот.

„Мислам дека ќе биде многу интересен двомеч. Хиберниан можеби има искуство од вакви натпревари и квалитет, но во Европа никогаш не мозеш однапред да кажеш кој ќе помине. Шкендија сигурно нема што да изгуби и верувам дека ќе даде се од себе. Се надевам дека ке гледаме добар фудбал и нека победи подобриот“ – поентира македонскиот интернационалец во дресот на Ренџерс.

 

ПретходноФИФА е во целосен хаос: Потегот на Инфантино го шокираше целиот фудбалски свет
СледноОдбојкарите со крушевски локум ги стартуваа подготовките за Европското првенство