Убедлив старт на ЕП „Б“ Дивизија: Македонските кадети се класа за Кипар!

122
Фото: КФСМ

Македонската кадетска машка репрезентација на најдобар можен начин го отвори Европското првенство Б Дивизија кое се одржува во Скопје и Гевгелија. Нашите надежи своите мечеви ги играат во салата „26 април“ во Гевгелија, а на стартот запишаа убедлива победа над Кипар од 63-82.

Дион Шабани со дабл-дабл ефект од 37 поени и 10 скока беше прв стрелец и лидер во нашите редови, зад него беше Александар Зунзуровски со 23 поени.

Силен старт на нашите момци, отворија со 5-22, ова беше и највисоката предност за Македонија во првата четвртина која заврши со 19-28. Доминацијата продолжи и во следните десет минути, Македонија поведе со 23-44, додека на полувремето резултатот беше 33-45.

Убедливата предност беше причина за да селекторот направи измени, поточно да ги изротира сите кошаркари, момент кој противникот успеа да го искористи, намали на 41-46. Македонија имаше одговор за оваа игра, со серија од 12-2 повторно поведе со двоцифрени 47-62 во 28-та минута. На стартот на последните десет минути нашите момци влегоа со убедливи 68-47, позитива која беше доволна за мирен финиш и посакуван прв триумф на стартот на овој шампионат.

Македонија следниот натпревар го игра утре, а за противник ја има селекцијата на Исланд, мечот се игра во салата „26 Април“ во Гевгелија со почеток во 18:30 часот.

ПретходноОфицијално: Винисиус во Реал Мадрид до 2032! (ФОТО)
СледноУЕФА за Инфантино: Бојкотот и натаму е опција, извинувањето не е доволно!