Екипата на Бадел 1862 продолжи со градењето на тимот за новата сезона. Од таборот на вицепрвакот известија дека на клупата останува Дарко Димитријевиќ, тренерот кој приреди чудо и го однесе тимот до финалето на плеј-офот. Димитријевиќ го елиминираше во полуфиналето актуелниот првак, Баскет Кам.
„На наше големо задоволство, Бадел 1862 и Дарко Димитријевиќ ја продолжија соработката и за следната сезона.
Димитријевиќ зад себе има одлична сезона на клупата на Бадел 1862. И покрај играчките проблеми со кои се соочувавме во текот на минатата сезона, успеа да создаде тим кој се бореше до самиот крај и стигна до финалето.
На патот до финалето, Бадел 1862 успеа да елиминира и поквалитетни и поискусни противници, покажувајќи дека со вистински пристап, борбеност и верба во тимот може да се направи многу.
Неговата посветеност, знаење и однос кон екипата се од големо значење за нас и затоа ни е особено драго што продолжуваме заедно.
Веруваме дека и следната сезона нè очекуваат многу убави моменти и многу причини за славење“, се вели во соопштението на Бадел 1862.










