„Врелиот компир“ е во рацете на Кристијан Фабиани!

276

По само две кола и веднаш големото „црвено-црно“ дерби на Македонија. Вардар ја пречекува Шкендија на пеколните +40 во Скопје во дуел на кој и двата тима имаат една цел – победата. Дерби во кое двете тима влегуваат со дијаметрално спротовни резултати од сработеното во подготовките и низ настапите на контролните средби, настапите во Европа и премиерното коло.

Шкендија е таа која сеуште е во Европа и игра во третото квалификациско коло од Конференциската лига за разлика од Вардар кој заработи експресна и брзопотезна елиминација во Лигата на шампионите, а потоа и во групата на „лузерите“ од Конференциската лига. Кога сме кај тоа кој повеќе мора!

Тоа важи за Вардар кој со триумф над Шкендија треба да се оправда за очајното лето и катастрофата на евро-сцената. Алиби кај првакот нема, сите бонуси се потрошени.

„Врелиот компир“ на овие пеколни горештини е во рацете на вардаровиот тренер Кристијан Фабијани. Тој мора денеска да победи, со оглед на тоа дека јавноста и навивачите веќе не веруваат во неговите сказни и бајки со оглед на тоа дека резултатите се бројат, а зад аргентинскиот стартег резултати сеуште нема. Деновиве остана и без првиот асистент Густаво Лопез кој си замина за Аргентина па така денеска неговите Кастањеда, Пирес, Паулио и Родригес треба да му го спасат „грбот“. Торес е повреден и нема да игра, а проблем Вардар има и со младинската ротација со оглед на тоа дека Димитар Данев има вирус па така во „оган“ влегува младиот Цветковски на левата бековска позиција.

Ситна повреда на коленото и за Бобан Николов. Па така Вардар за неколку часа треба да истрча со Талевски на голот, Велковски и Матиќ во одбраната – Јанкулов како десен бек, а Цветковски (младинец) – како лев бек. Кастањеда и Бабунски како дефанзивни играчи за врска, а во нападот Родригес, Кастањеда, Пирес и шпицот е резервиран за Омерагиќ. Кога сме кај заморот тој е на страната на Шкендија која во четвртокот имаше тежок и исцрпувачки меч со Хиберниан во Единбург па враќање до дома и веднаш дерби на дневна светлина и пеколни +40!

Вардар е „трениран“ затоа што играчите имаа пет слободни дена по елиминацијата од Рига и собираа сила по плажите низ Балканот. Зошто ваков меч се игра од 17 часот на стадион кој ги има сите услови за вечерен термин е посебна приказна и причина зошто нема навивачи на Вардар. Може да научат нешто од Брегалница и вчерашниот меч под рефлектори во Штип.

Денес е дерби, а утре ново „дерби“ во зависност од резултатот…

ПретходноМаксимов: Ова ми беше неопходно, гол на кам бекот за мојата Брегалница
СледноСтојановски: Да гледаме и мислиме позитивно, со кренати глави гледаме напред