Срамни слики во текот на вчерашниот ден пристигнаа од Битола и од состојбата на теренот на стадионот „Петар Милошевски“. Од еден од најубавите терени, за кој лани се потрошија илјадници и илјадници евра, сега гледаме жолта трева, сено и земја. Од терен кој беше еден од најдобрите во земјава за фудбал – до катастрофа поради која ФК Пелистер новата сезона ќе мора да ја започне на туѓи терени, во улогата на домаќин.
А првиот дуел е веќе во сабота, со Камењане во Втората лига. Таму е сега Пелистер!
Општина Битола сè уште нема излезено со официјална реакција и став околу хаваријата на теренот на стадионот, кој настрада поради дрвената подлога поставена за да ја заштити тревата од публиката која дојде да го следи концертот на Здравко Чолиќ.
За еден концерт за кој има организатор – до уништен терен. Прашање до Општина Битола, која добро знае колку пари чини еден ваков терен: Кој ќе ја плати штетата? Теренот чини околу 150-200.000 евра!?
Дали ќе има реакција и од ФФМ, која силно и моќно инвестираше во овој стадион во Битола, кој доби модерен и современ лик?
Само како пример. Во Даугава, Летонија, исто така на стадионот имало концерт и тревата била уништена. Но, истата била осигурена и сега се знае кој ќе ја надомести штетата. Осигурал ли некој нешто тука кај нас во Битола!? Општина, градоначалник, Совет на градот… Се слушаме ли!?
Има и друг пример со Кошево во Босна и Херцеговина. Таму исто така стадионот настрада од концертот на Дино Мерлин, па Сараево како домаќин во саботата играше во Мостар. Таму штетата ја надоместува организаторот на концертот.
Битно сликите се страшни, еден убав терен е уништен…
Толку од фудбалот!















