Стојановски по победата над Швајцарија: „Верувавме во нашиот план, сега се подготвуваме за Украина“

70

Селекторот на македонската кадетска репрезентација, Дејан Стојановски, по втората победа на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Гевгелија, истакна дека неговите избраници покажале карактер и одлична реакција во второто полувреме против Швајцарија.

Македонија славеше со 89:76, во натпревар во кој Швајцарците постигнаа дури десет тројки во првото полувреме, но нашата селекција со одлична одбрана и висок интензитет успеа да направи пресврт и да стигне до значајна победа.

Првите два напади беа токму онака како што сакавме. Потоа се случи нешто што за мене беше несфатливо – не го следевме тоа што го договоривме. Швајцарија погоди седум тројки во првата четвртина и десет за едно полувреме, нешто што досега немаше направено на овој турнир. Ние, пак, немавме вистински ритам во првата четвртина. Бевме доста пасивни во одбраната.

Сепак, направивме добра реакција во втората четвртина. На полувремето им кажавме на играчите да веруваат во себе и во нашиот план. Тоа беше пресингот по целиот терен. Имавме одличен импакт од клупата и голема енергија од играчите кои влегоа во игра, особено во одбраната. Потоа почнавме да ги погодуваме шутевите, а тоа е нашата игра – брза кошарка и реакција веднаш по примен кош“, вели Стојановски.

Македонија сега има биланс од 2-2 и се наоѓа на третото место во групата „Б“. Во последното коло, нашите кадети ќе играат против Украина, која исто така има две победи и два порази.

Сега е многу важно играчите да се одморат и добро да се подготвиме за Украина. Тоа е селекција која носи доста физички силни играчи, но ние ќе бидеме подготвени. Сакаме да завршиме како трети во групата и пред нашата публика да прикажеме брза и атрактивна кошарка. Денеска публиката многу ни помогна и сакам да ѝ се заблагодарам за тоа“, порача селекторот.

ПретходноГРК Тиквеш се засили со француски интернационалец!(ФОТО)
СледноМу се заканува смртна казна: Познат голман е во притвор поради критики кон режимот!(ФОТО)