МЗТ Скопје го договори талентираниот кошаркар Петар Бошалески

116

Македонскиот репрезентативец Петар Бошалески (22 години, 197 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, откако денеска официјално стави потпис на договорот со нашиот клуб.

Станува збор за талентиран бек-шутер, кој откако ги мина сите младински национални селекции, летово ги одигра и првите два натпревари во дресот на сениорската репрезентација на Македонија, во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029.

Охриѓанецот своите настапи во домашната Суперлига ги почна како кошаркар на Работнички, по што направи трансфер во Пелистер, а минатата сезона ја мина во дресот на Тиквеш. На 27 натпревари бележеше просек од 12,4 поени, 5,6 скока и две асистенции, со што го привлече вниманието и заслужи место во сениорската репрезентација.

Бошалески е третото домашно засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Досега се ангажирани и четворица интернационалци – Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, босанскиот центар Емир Крајиниќ и српскиот центар Димитрије Николиќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов.

МЗТ Скопје во сезоната што следува ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

ПретходноИграчите се виновни за дебаклите, ако продолжат ќе нема плати!
СледноКаталонците тврдат: ПСЖ го договори херојот од Светското првенство за 55 милиони евра