Рафаел Фреитас: Боли испаѓањето во Европа, но мора да се свртиме кон останатите предизвици

71

Екипата на Шкендија и покрај одличниот настап, сепак, ги заврши борбите во Европа летово.

Не успеа да ја мине пречката наречена, шкотски Хиберниан, во рамките од третото квалификациско коло на Лигата на Конференции, па сега ќе мора да се фокусира исклучиво на домашните предизвици, односно ПМФЛ шампионатот.

„Секако дека сме разочарани и тажни што не успеавме да се пласираме во следната рунда. Сметам дека го заслуживме тоа, бидејќи бевме подобриот тим на двата натпревари, и во Шкотска и на домашен терен. Сепак, таков е фудбалот, тимот што игра подобро не секогаш победува или оди понатаму. Без оглед на тоа, утре нè очекува уште еден важен првенствен натпревар и мораме што поскоро да се пренасочиме кон него. Секој натпревар е клучен на патот кон нашата главна цел за оваа година, а тоа е освојување на титулата“ – вели бразилскиот интернационалец, Рафаел Фреитас па додава.

„Не се сомневам дека можеме да го задржиме ова ниво. Како што видовте, прикажавме одлична игра во Европа и веруваме дека ги имаме сите предуслови да продолжиме со овој стил на фудбал во текот на првенството. Нè очекуваат многу натпревари тешки и неизвесни, но мораме да ја покажеме силата на нашиот тим, да се стремиме кон напредок од натпревар во натпревар и да го одржиме нивото на игра што го покажавме во Европа за да ги оствариме нашите цели.“ – додава офанзивецот па поентира.

„Знаеме дека секој натпревар е важен, но кога го носите дресот на Шкендија, секој меч има уште поголема тежина бидејќи ја разбираме големината на овој клуб. Тоа е клуб кој секогаш цели кон победи и кон освојување на шампионската титула. Токму кон тоа ќе се стремиме и оваа година, да ја вратиме титулата во клубот, таму каде што таа заслужува да биде.“ завршува играчот на Шкендија.

Тетовци утре во рамките од третото коло од ПМФЛ шампионатот ја пречекуваат Брегалница на комплексот Петар Милошевски во Скопје со почеток од 19:00 часот.

 

 

 

ПретходноСè е подготвено за меморијалот „Зоран Петковски“
СледноПретседател на Федерација тајно застана зад Инфантино, во УЕФА се бесни!