ПМФЛ: Во дербито Струга ТЛ против шампионот, Шкендија на мегдан со Брегалница

104

Денеска со двата меча во Струга и Скопје се затвора 3.коло во новата 2026/27 сезона во нашата елитна лига.

Дербито на колото се игра во Струга од 16.30 часот, каде домашниот состав на Струга ТЛ го дочекува Вардар. Во минатото коло и двете екипи не успеаја да слават. Стружани дојдоа само до бод кај Скопје, додека Вардар на свој терен беше прегазен од тетовска Шкендија. Токму затоа овој меч и за двете екипи доаѓа во незгоден момент, нема да биде убаво за било кого ако се доживее пораз.

Струга ТЛ одамна се нема радувано на победа против Вардар, последен пат во октомври 2024 и тоа како гостин, додека на свој терен стружани се радувале во ноември 2023 година. На последните три меча две ремија и една победа за Вардар. Се чини дека сега е моментот за Струга ТЛ да слави, ако се знае во каква очајна форма е шампионот кој денеска ќе биде воден од некогашните помошници на сега веќе екс – стратегот Кристијан Фабиани.

Во Скопје на тренинг центарот на ФФМ, од 19 часот под светлоста на рефлекторите, Шкендија како домаќин се среќава со Брегалница. Овој меч доаѓа по елиминацијата на тетовци од Европа, но и по билдање на самодовербата кај штипските “сини“ кои имаа одличен настап минатото коло против Арсими.

Проблемите со играчкиот кадар кај тетовци продолжуваат. Покрај суспендираниот Анес Меличи, веројатно нема да настапи и вториот стопер, Јован Манев поради повреда, ќе го нема ни Марко Ѓорѓиевски.

Сепак кој и да игра за Шкендија, јасно е дека тетовци се изразити фаворити на овој меч.

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Струга: Струга ТЛ – Вардар (16.30 ч)

Скопје: Шкендија – Брегалница (19 ч)

ПретходноЗверев го преживеа во Синсинати после два и пол часа
СледноДарио Ивановски го освои 46-тото место на Европското првенство!