Уште едно европско кошаркарско првенство успешно заврши во Македонија, оставајќи зад себе одлични оценки за организацијата, условите и целокупната реализација на шампионатот.
Кошаркарската федерација на Македонија беше домаќин и организатор на Европското првенство за мажи до 16 години – Дивизија Б, кое се одржа во Скопје и Гевгелија и на кое настапија најдобрите млади кошаркари од повеќе европски земји.
Покрај квалитетната кошарка и возбудливите натпревари, шампионатот беше уште една можност Македонија да ја потврди својата способност за организација на големи меѓународни спортски настани.
За успешната реализација, Кошаркарската федерација на Македонија доби и специјална плакета како признание за успешната организација на првенството.

Сепак, уште позначајно од самото признание беа пофалните зборови од претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, кој за време на својот престој во Македонија позитивно ја оцени организацијата и целокупната реализација на шампионатот.
Во својата оценка, Гарбахоса посочи дека Македонија конечно се етаблира на вистинскиот пат кон градење на вистинско и трајно пријателство со „куќата на европската кошарка“, испраќајќи јасна порака дека нашата земја станува сигурен и доверлив партнер на ФИБА Европа.

Токму оваа оценка има особена тежина. Таа не е само признание за успешно организирано едно првенство, туку и потврда дека Македонија чекор по чекор го зацврстува своето место во европското кошаркарско семејство.

Успешната организација на Европското првенство до 16 години – Дивизија Б е уште една потврда за професионалноста, посветеноста и организацискиот капацитет на Кошаркарската федерација на Македонија, но и силен сигнал дека нашата земја повторно гради доверба и партнерски однос со највисоките структури на европската кошарка.











