Сплит во следните неколку денови ќе биде во центарот на вниманието. Во овој хрватски град од денеска до 22 август ќе се одржи меѓународното финале во рамките на Плазма Спортските игри за млади.
Најголемата спортско-аматерска манифестација за деца и млади во Европа ја одбележува својата јубилејна 30. сезона од своето постоење. Во текот на трите децении на Игрите учествувале повеќе од 3.869.000 деца и млади.
Македонија за првпат оваа година е дел од големото друштво на СИМ. Игрите пред 16 години од Хрватска дојдоа во Босна и Херцеговина, а потоа се проширија и во Србија и Словенија.
Плазма Спортските игри за млади и во својата 30. сезона ја потврдуваат својата мисија – бесплатен спорт за секое дете, можност да развива здрави животни навики и да ги научи вистинските вредности: тимскиот дух, толеранцијата, фер-плејот и инклузијата.
Специфичност на Игрите е што учеството на сите натпревари е целосно бесплатно, а во нив можат да учествуваат сите деца и млади, без разлика дали активно се занимаваат со спорт или само сакаат да се испробаат во некоја од спортските дисциплини.
Иако станува збор за аматерски натпревари, Плазма Спортските игри за млади ги следат највисоките стандарди на професионалниот спорт, овозможувајќи им на децата уникатно натпреварувачко искуство какво што имаат врвните спортисти.
„Пред триесет години имавме една идеја – секое дете да добие можност да се занимава со спорт. Денес зад нас се милиони деца, илјадници градови и пет држави во кои Игрите се одржуваат целосно бесплатно. Тоа не би било возможно без нашите партнери, спонзори, институции, градови домаќини и луѓето кои веќе три децении веруваат во оваа идеја. Им благодарам на сите кои се дел од Игрите, а особено на децата кои се наш најголем мотив да бидеме уште подобри. Веруваме дека сме на вистинскиот пат, бидејќи секое дете заслужува да игра, што го покажува и оваа, никогаш поголема, Меѓународна завршница“, изјави Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади.

На меѓународната завршница во Сплит се натпреваруваат 1.224 учесници од шест земји, односно најдобрите млади спортисти од петте земји членки: Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија. Новитет е учеството на 204 деца од Украина, а поддршка со своето присуство ќе им даде и прославениот боксер Олександр Усик.
Во текот на петте дена, покрај натпреварите, учесниците ќе имаат можност да ги запознаат своите спортски идоли, да се дружат со врсниците, да стекнат нови пријателства и да уживаат во убавините на Сплит.
Во Сплит се најавени амбасадорите на СИМ, познати спортисти и гости, меѓу кои: Александар Чеферин, претседател на УЕФА, Златан Ибрахимовиќ, Горан Иванишевиќ, Луис Фиго, Аластер Кембел, Насер Ал-Келаифи, Олександр Усик, Ана Ивановиќ, Жељко Обрадовиќ, Славен Билиќ, Еторе Месина, Предраг Мијатовиќ, Немања Видиќ, Александар Коларов, Шиме Врсаљко, Горан Драгиќ, Дарио Срна, Немања Матиќ, Дино Раѓа, Никола Карабатиќ…
Врвот на завршницата е големото финале на Coca-Cola Cup, најмасовниот аматерски турнир во мал фудбал во Европа, кој годинава собра 172.748 учесници на 703 турнири. Финалињата се играат во машка и женска конкуренција.

Женскиот фудбал во последните години зазема сè поважно место во програмата на Игрите. Во овогодинешниот Coca-Cola Cup учествуваа 17.445 девојки, а посебен исчекор е направен во 2020 година, кога Игрите започнаа соработка со УЕФА и Фондацијата на УЕФА за деца, предводена од Александар Чеферин, претседател на УЕФА и амбасадор на Игрите.
„Фасцинантно е да се види како оваа манифестација се грижи за децата, како носи вистински вредности. Кога ќе видите колку се среќни, како нема омраза, како имаат љубов, како го сакаат фудбалот, но и другите спортови. Едноставно, нема толку многу позитивни работи во денешниот свет“, изјави Александар Чеферин.
На 22 август симболично ќе биде изгаснат пламенот на Игрите, со што ќе биде означен крајот на сезоната исполнета со возбудливи натпревари. Програмата ќе биде збогатена со музички и сценски настапи, како и со спектакл на небото над Сплит.
МАКЕДОНИЈА СО ПРВА УСПЕШНА СЕЗОНА
Во првата сезона се натпреваруваа вкупно 27.271 дете од цела Македонија, а вкупно 151 учесник, плус 52 професори/ментори, ќе бидат дел од меѓународната завршница во Сплит. Нашите млади надежи веќе пристигнаа во хрватскиот град, каде што ќе се натпреваруваат, но што е уште поважно, ќе стекнат драгоцено меѓународно искуство.
„Симовци“ ќе се натпреваруваат во десет дисциплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал 2015, атлетика, баскет 3х3, народна топка, ракомет, одбојка и одбојка на песок, тенис, пинг-понг и шах.

Плазма Спортските игри за млади во Македонија дојдоа благодарение на Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за спорт, кои го препознаа значењето на овој проект, чија цел е да го поттикне развојот на младинскиот спорт, здравите навики и спортските вредности кај најмладите.
Главни партнери во реализацијата на СИМ се Пивара Скопје, Шпаркасе Банка, Шпаркасе Лизинг и Плазма, чија поддршка беше од огромно значење за создавање услови децата бесплатно да спортуваат и да бидат дел од оваа голема спортска приказна.
„Среќни сме што Македонија е дел од Плазма Спортските игри за млади и што нашата земја оваа година ќе има свои претставници на големото финале. Игрите се посебни бидејќи промовираат посебни вредности и воедно овозможуваат бесплатен спорт за секое дете. На сите дечиња им посакувам успешни игри, се надевам дека Сплит ќе биде незаборавно искуство за нив и воедно ќе се вратат со спомени кои остануваат за цел живот“, порача претседателката на Плазма Спортските игри за млади, Елена Мицковска.
*Фотографиите, видео материјалите, логоата и формуларот за акредитација се достапни во онлајн прес-комплетот. Материјалите се објавуваат бесплатно со задолжително наведување на авторот. – https://www.dropbox.com/scl/fo/rtwzddwlndi894l5vsmzm/ABX3MDste










