ГРК Охрид со победа тргна во одбрана трофејот на турнирот “Крсто Андоновски Охрид 2026“. Вечерва во својата сала “Билјанини Извори“, тимот на стратегот Борис Ројевиќ славеше против У-20 селекцијата на Египет со 31:27. Очекувана победа, може да се каже и рутинска, но сепак само тренерот Ројевич знае дали ги „чуваше“ силите на својот тим против младите египетски ракометари или пак допрва треба да се подига формата.
Охрид во текот на целиот меч имаше водство, на пауза се замина со три гола. Во неколку наврати имаше шанса и за +6, но противникот наоѓаше начин да не му дозволи на домашниот состав да дојде до поголема разлика. Интересно Египет знаеше да дојде и до само -1, но сепак квалитетот на ГРК Охрид кога беше најпотребно излегуваше на виделина.
Најефикасен со 7 голови беше Кеита, кој беше прогласен и за МВП на средбата, Лиапис беше стрелец на 6, Блажески имаше пет одбрани.










