„ЛЕГЕНДИТЕ НА СЦЕНА“ – Документарниот филм за 20 години „Спортско радио 90.3 фм“ на фестивалот во Златибор

23

Денес започнува XV Меѓународен фестивал на спортски филм – Златибор 2026, традиционален фестивал кој веќе 15 години ги собира спортот и филмот и претставува приказни од светот на спортот. Во официјалната селекција на фестивалот се најде и 17-минутниот документарен филм „Легендите на сцена“, кој ја раскажува приказната за незаборавниот ракометен спектакл што го организираше Спортското радио 90.3 фм на 29 октомври 2025 година во СЦ „Јане Сандански“, по повод 20 години од постоењето на единственото спортско радио во Македонија и пошироко.

Пред речиси 4.000 гледачи, на едно место повторно се собраа легендите на македонскиот и европскиот ракомет – Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Арпад Штербик, Жоан Кањелас, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Ренато Вугринец, Жељко Муса и голем број други ракометни великани. На клупите беа и легендарните тренери Лино Червар и Веселин Вујовиќ.

Тоа беше вечер во која минатото повторно оживеа. Вечер во која ракометот ги спои Македонија, Балканот и Европа. И токму од тој спектакл, од илјадниците снимени моменти, емоции, сеќавања и сведоштва, создадовме документарен филм – „Легендите на сцена“. Филмот ќе биде прикажан утре (21 август) од 19:30 часот во Културниот центар Златибор.

„Филмот е дел од официјалната програма, во која се наоѓаат и филмски приказни посветени на големи спортски имиња како Пеле, Драган Џајиќ и Синиша Михајловиќ, како и бројни други спортски приказни од регионот и светот. За нас ова е повеќе од фестивалско прикажување. Ние го создадовме спектаклот. Го снимивме. Го претворивме во документарен филм. И сега приказната од Скопје патува понатаму. Од Македонија – на меѓународен фестивал на спортски филм“, велат од Спортското радио 90.3 фм.

ЛЕГЕНДИТЕ НА СЦЕНА“

Документарен филм

Продукција: Спортско радио 90.3 ФМ – Скопје

Продуценти – Златко Димески, Кристијан Митев

Ко продуцент – Тони Митев,

Режија – Дејан Димески,

Директор на Фотографија -Петар Кочишки

Камера оператор-Андреј Димески

Камера оператор- Димитар Атанасоски

Монтажа – Виктор

Благодарност До Проф. д-р АЦЕ МИЛЕНКОВСКИ – Универзитет Скопје, ПЕТАР ВИЧИШКИ- АТЛАНТИК ГРУПА , СПОРТСКО РАДИО СКОПЈЕ,

Скопје Филм Студио

Приказна за една незаборавна ракометна вечер

Приказна за легендите, ракометот и Македонија.

Една вечер. Една генерација легенди. Една приказна што продолжува да живее.

ПретходноВан Дајк: Минатата сезона беше неприфатлива, имаме шанса за враќање
СледноЗеленортски острови имаат нов селектор