Интересно: Фановите на Марсеј ја славеа титулата на Шпанија? (ВИДЕО)

60
ФОТО:printscreen

Навивачите на Олимпик Марсеј изненадија со чудна претстава за време на првиот натпревар на тимот во сезоната во Лига 1. Некои од навивачите на „Велодром“ извадија огромна кореографија во чест на светската титула на Шпанија, иако „Фуријата“ е еден од големите ривали на Франција во последните години. Шпанија се соочи со Франција во последните три лета на три различни турнири – Европското првенство, Лигата на нации и Светското првенство. Во сите три случаи, Шпанците се пласираа во финалето, додека „петлите“ беа елиминирани.
Затоа, многумина би очекувале шпанската репрезентација да биде меѓу најомразените на француските навивачи. Сепак, навивачите на Марсеј го демонстрираа токму спротивното.
Па така на “Велодром“ беше поставен огромен транспарент со натпис „Viva Roja“, а на него беше прикажана и силуетата на трофејот на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. Причината за необичниот настан треба да се бара во непријателството помеѓу Олимпик Марсеј и Пари Сен Жермен, отколку во некоја посебна симпатија кон шпанскиот фудбал.
За некои навивачи на Марсеј, кореографијата беше еден вид напад врз централизираната моќ во Франција, која ја поврзуваат со Париз и нивниот вечен ривал ПСЖ.
Во исто време, гестот доаѓа во услови на сериозни финансиски и институционални тензии околу Марсеј. Затоа, кореографијата може да се гледа и како контраст помеѓу глобалниот успех на Шпанија и незадоволството на навивачите од раководството на сопствениот клуб.
Постои и друга верзија – дека навивачите едноставно сакале да им оддадат почит на луѓето од Марсеј со шпански корени. Истата трибина изрази солидарност со Шпанија за време на силните поплави во Валенсија во 2024 година. Во секој случај, снимките од Велодром сигурно ќе останат меѓу куриозните моменти од почетокот на новата сезона во Франција.

ПретходноОфицијално: Челзи не игра, ама на “Стемфорд Бриџ“ ќе има мечеви од Лигата на Шампионите!
СледноПрилеп е победник на меморијалот „Миле Нешкоски“