Зарем некој можеше да претпостави дека по само три кола во новата сезона во ПМФЛ, актуелниот шампион, тимот на Вардар ќе биде во минус од 6 бода од Шкендија, а во минус 4 бода од Силекс и Струга ТЛ? Зарем некој можеше да претпостави дека во првите три кола Вардар ќе загуби две дербија, прво со Шкендија на свој терен а потоа на Струга ТЛ на гости?
И така, по тие два порази, Вардар денеска од 17 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, во најжешкото, ќе игра и трето дерби во низа, против Силекс. И тоа како “жешко“ им е на сите во Вардар, и не поради времето, туку поради се она што се случуваше во изминатиот дел од новата сезона. Очаен настап и брза елимининација во Европа, и само една победа и два порази во ПМФЛ. Да не говориме за сите скандали што се случуваа во самиот клуб кој и тоа како и се познати на јавноста.
Ќе видиме доцна попладнево дали овој Вардар има сила, има желба, има мотив да ја надмине кризата која е повеќе од евидентна.
А против себе ќе го има силниот Силекс на стратегот Александар Васоски, тим кој знае како треба и тим кој ако ги успее да ги искористи сите слабости на Вардар, секако дека има убава шанса да дојде до три бода и со тоа дефинитивно да го стави Вардар во катастрофална ситуација, ако не е и сега таму нашиот најтрофеен клуб.
Вардар и на овој меч како минатиот ќе биде предводен од помошниците на веќе заборавениот Кристијан Фабиани, а колку се тие квалитетни за да му се спротистават на еден Васоски, ќе видиме некаде околу 19 часот кога ќе заврши натпреварот.
Значи денеска дерби во Скопје, играат Вардар и Силекс, меч од 4.коло кој со нетрпение го очекуваме, а за главен судија е одреден Игор Стојчевски.















