Денеска е денот за дерби мечеви во ПМФЛ. Во последните два меча од 4.коло се среќаваат екипите од “големата четворка“ и двата се играат во Скопје. Прво на Арената од 17 часот силите ќе ги одмерат Вардар и Силекс, а потоа од 19 часот на ФФМ, меч за уживање – Шкендија против Струга Трим Лум.
Само Шкендија досега е максимална со “три од три“, додека Струга ТЛ има седум бода ако се знае дека има две победи и едно реми.
И двете екипи се во добра форма, и двете екипи посакуваат победа, и двете екипи имаат мотиви до небо да дојдат до победата. Ова е дуел на екипи кои во изминатите четири сезони дури трипати ја освојувале титулата, ова е дерби кое нешто значи во последните години во мак – фудбалот.
Шкендија има проблем, и не само поради повредите и суспензиите на петтмина клучни играчи, но и поради фактот дека досегашниот спортски директор Ардијан Цуцули не е веќе во клубот. Секако дека ова мора да донесе некаков си потрес во клубот, па и во тимот.
Струга Трим Лум нема такви проблеми.
Стратегот на Шкендија, Артим Положани за овој меч нема да може да смета на Гаје, Ѓорѓиевски, Фреитас, Димоски и Меличи, но затоа се враќа Јован Манев.
Шкендија за првпат оваа сезона како домаќин ќе ја има поддршката од своите фанови, но против себе има тим кој во минатото и тоа како знаел да го победува тетовскиот тим.
Струга ТЛ ќе се обиде да покаже, токму овие дерби мечеви служат за тоа, дека и оваа сезона ќе го напаѓа врвот на табелата во ПМФЛ.
Уште еднаш, Шкендија – Струга ТЛ во дерби меч од 4.коло од 19 часот на ФФМ, главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски.















