Лејсон Зеќири: „Подготвени сме за да победиме во Виена“

67

Лејсон Зеќири е еден од повратниците во сениорскиот национален тим и максимално подготвен го очекува она што следува – дуелот со Австрија на 30 август во Виена.

Македонија во вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029 влегува со серија од шест победи, но Зеќири потенцира дека претходните резултати треба да останат зад тимот и фокусот да биде насочен кон новиот предизвик.

„Имаме еден натпревар во овој претквалификациски циклус, односно ФИБА „прозорец“, оној против селекцијата на Австрија. Очекувам да го добиеме. Го комплетиравме тимот, ни се придружи и Мозес Рајт и мислам дека сега сме најквалитетни што можеме да бидеме“, вели Зеќири.

За македонскиот репрезентативец, серијата од шест победи е позитивен момент, но не треба да биде дополнителен притисок пред натпреварот во Виена.

„Да, навистина сето тоа изгледа добро, имавме 6-0, но сега ова е друга група, сè е ново. Не треба да се враќаме на она што било, мора да гледаме напред. Секако, поволен момент за нас е што сме во серија на победи. Сепак, многу е подобро чувството кога ќе победиш отколку кога ќе загубиш. Мислам дека сме доста спремни за да победиме“, додава Зеќири.

Австрија според ранкингот важи за сериозен противник, но Зеќири посочува дека македонскиот тим пред сè мора да биде концентриран на сопствената игра.

„Без оглед на сè, ние треба да ја гледаме само нашата работа. Има неколку денови до натпреварот во кои извесно ќе погледнеме и видео-материјали за тоа како игра нашиот противник. Ќе видиме што треба да подобриме и на што треба да работиме. Во овие денови ќе се фокусираме на тоа како да одиграме против Австрија“, истакнува Зеќири.

Македонија и Австрија ќе се соочат на 30 август во Виена, во рамките на вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029.

ПретходноРустемовски го доби бронзениот медал, МОК порача: За нас си повеќе од шампион (ВИДЕО)
СледноСудии за ПМФЛ: Грујоски на “центарот“ во Кавадарци, Ристовски ќе суди во Кратово