Струга Трим Лум – Брегалница 4:0. Ова е исходот од вториот денешен меч од 5.коло во ПМФЛ. Стружани просто ја растурија Брегалница.
Два гола на Малески, по еден на Агамах и Шабани за чиста, заслужена, трета победа сезонава за тимот на Струга ТЛ и трета на свој терен. По Шкендија Арачиново и Вардар, стружани славеа и попладнево против Брегалница. Блескаше Христијан Малески со два гола, па така сега со пет голови е на врвот на листата на стрелците во ПМФЛ.
Целосна доминација во првиот дел на домашните. Агресивни, напаѓаќки ориентирани, со креирани неколку шанси а во 14.минута и со водство од 1:0 и тоа со голот на Христијан Малески. Стружани можеа да постигнат уште некој гол, додека штипските “сини“ инфериорни и со само еден удар кон противничкиот гол.
Па така на одмор се замина со тие 1:0 со голот на Малески.
А токму напаѓачот на стружани уште во 48.минута стрелаше за 2:0. Се најде таму каде што треба и не му беше тешко да ја смести топката во мрежата на гостите.
И по тие 2:0 за Струга ТЛ, гостите почнаа да играат, имаа и неколку изгледни шанси за намалување на водството на стружани. Брегалница конечно покажа дека има квалитет во себе, но сепак не успеа да постигне гол.
И кога тоа не се користи, тогаш има казна, а тоа се случи на другата страна за 3:0 за Струга ТЛ. Кикс на целата потесна одбрана, а најмногу на голманот Јашар, а на Агамах не му беше тешко да ја затресе празната мрежа. По овие 3:0 веќе се знаеше кој ќе победи на оваа средба.
Струга ТЛ како квалитетен состав покажа дека знае да ја искористи секоја грешка или подарок на противникот. Во 75.минута Шабани стрелаше максимално прецизно за 4:0. До крајот Малески имаше две големи шанси за хет – три, но не успеа да погоди.
Со оваа победа сега Струга ТЛ е втора на табелата со 10 бодови, пет помалку од лидерот Шкендија.















