Силвија Митевска: „Жените не треба да станат подобри мажи за да бидат добри лидерки“

44

Марија Ковачева

Иако можеби во последните години има минимален напредок во однос на родовата еднаквост во спортот во Македонија, сепак и понатаму спортот се дефинира како машки терен, особено кога станува збор за одлучување и поставување на жените на лидерски позиции.

И кога жената ќе биде поставена на лидерска функција, понекогаш наместо да изгради свој авторитет и организацијата да се промени токму поради неа, се случува спротивното. Жената е таа која се прилагодува кон начинот на функционирање на организацијата за да биде прифатена. Жените треба погласно да го кажуваат своето мислење на одредени теми.

Ако организациите се променат и во жените навистина гледаат вистински лидери, тогаш тежината на нивниот збор ќе биде поголема, а ние како земја ќе ги менуваме лошите бројки кога станува збор за родовата еднаквост.

И натаму е тешко да се биде жена во светот на спортот, каде што главно доминираат мажите.

На оваа тема, како и за жените во спортот, за тоа кој навистина ги носи одлуките и за родово базираното насилство во спортот, во „Женски Спортски Приказни“ зборуваме со Силвија Митевска, експертка по спортска дипломатија и директорка на спортската организација Sport Social Solutions. Митевска веќе долги години се бори за родовата еднаквост.

Со оглед на важноста на темите, овој разговор со Митевска одлучивме да го поделиме на два дела. Првиот дел е предвиден за овој петок, додека вториот дел, кој се однесува на родово базираното насилство врз жените во спортот, ќе излезе за една недела.

🎯До каде сме со родовата еднаквост во спортот во Македонија?

„Мислам дека темата во последните години доби одреден моментум. Но истовремено имам чувство дека во одредени делови од спортот таа сè уште се доживува како нешто што е „наметнато однадвор“. А кога една тема се доживува како наметната, многу потешко се создава вистинска промена. Затоа мислам дека треба да се вратиме малку наназад и да разбереме од каде доаѓаме.

Спортот историски е создаван во машки доминиран свет – во голема мера од мажи и за мажи. Жените долго време немале еднаков пристап до спортските активности, а немале ни право да учествуваат на Олимписките игри. Дури и кога почнале да се вклучуваат, најнапред им биле „дозволени“ спортови кои се сметале за доволно грациозни и женствени и кои, според тогашните разбирања, не ја нарушувале женската естетика. Тоа ни покажува дека не станува збор само за тоа што денес некој не им дава доволно можности на жените. Станува збор за институции кои со децении се развивале во средина во која машкото учество, машкото тело, машките искуства и машките модели на лидерство биле земани како норма. Самата идеја за тоа што значи да се биде добар лидер/ка во спортот е историски создадена во таква средина. Брзината во донесувањето одлуки, авторитетот, натпреварувачкиот дух, силната самодоверба, способноста да се доминира во просторот – овие карактеристики често се препознаваат како посакувани лидерски квалитети. Секако, ниту една од овие способности не е по природа машка. Но проблемот е што историски биле поврзувани со машкоста и со начинот на кој мажите биле очекувани да се однесуваат во јавниот простор.

Затоа, кога една жена влегува во спортска организација, таа не влегува во неутрален простор. Таа влегува во организација чии правила, процедури, култура и претстави за лидерство се развивале со децении во средина во која мажите биле доминантни“.

🎯Што значи тоа за жените кои стигнуваат до лидерски позиции?

„Тоа значи дека понекогаш од жената не се очекува само да биде успешна. Од неа се очекува да се вклопи во веќе постоечката дефиниција за тоа што значи да се биде лидер/ка. И тука можеме да видиме еден интересен парадокс. Кога жена ќе влезе во управен одбор или на висока лидерска позиција, наместо организацијата да се промени поради нејзиното присуство, понекогаш жената постепено почнува да се приспособува на организацијата. Почнува да ги презема истите модели на однесување, истиот стил на комуникација и истото разбирање на авторитет што веќе постои. Жените не треба да станат „подобри мажи“ за да бидат добри лидери. Жените можат да бидат лидерки со сопствената автентичност, со различни стилови на комуникација, со соработка, емпатија, слушање и градење консензус – без тоа да значи дека се помалку способни, помалку одлучни или помалку авторитетни.

Проблемот е што долго време лидерството било идентификувано со машкиот модел, затоа што мажите биле тие што најчесто биле на позициите на моќ“.

🎯Од каде историски потекнува ова поврзување на моќта со мажите?

„Тоа е многу подлабока приказна и не започнува со спортот. Историски е создадена поделбата меѓу јавниот и приватниот простор. Јавниот простор – политиката, економијата, работата, одлучувањето и лидерството – во голема мера бил поврзан со мажите. Приватниот простор – грижата за домот, децата, семејството и повозрасните родители – бил поврзан со жените. И тоа не било само поделба на обврски. Тоа било и поделба на моќ и вредност. Јавниот простор со текот на времето станал економски и политички повреднуван. Таму се носат одлуки, таму се создаваат ресурси, таму се добива моќ и признание. Приватниот труд, иако е суштински за функционирањето на општеството, долго време бил невидлив, неплатен или помалку вреднуван.

И денес, кога жените сè повеќе влегуваат во јавниот простор, тие не влегуваат ослободени од приватниот. Тука е и парадоксот на современото разбирање на родовата еднаквост. Жените добиваат повеќе можности да бидат во јавниот простор, но очекувањата за приватниот простор не исчезнуваат автоматски.

Жената може да биде претседателка, директорка, тренерка, спортистка или членка на управен одбор, но истовремено од неа сè уште може да се очекува да ја презема најголемиот дел од грижата за домот, децата или семејството. Така жените често не добиваат само нови можности – добиваат и нови обврски врз старите. И затоа борбата за еднаквост понекогаш парадоксално може да создаде и дополнителен товар за жените ако не се менуваат и условите во кои тие живеат и работат“.

🎯Родовата еднаквост не е само прашање на пристап?

„Точно. Не е доволно да кажеме: „Еве, сега жените можат да бидат тука.“ Треба да прашаме: „Под кои услови се тука?“ Дали жената има еднаква можност да напредува? Дали има поддршка? Дали нејзиниот стил на лидерство се вреднува? Дали има време и ресурси? Дали нејзиниот глас се слуша? Дали кога ќе каже нешто истото значење му се дава како кога тоа ќе го каже маж? Тоа е разликата меѓу формалната и суштинската еднаквост“.

🎯Дали квотите и поголемата родова застапеност се доволни како мерки?

„Не. Тие се важни, но не се доволни. Квотите можат да бидат важен инструмент за да се отвори вратата. Но ако само ја отвориме вратата и внесеме повеќе жени, а организацијата остане иста, ние не сме го решиле проблемот. Квотата може да ја промени сликата на една организација, но не мора да ја промени самата организација. Можеме на хартија да имаме 50 проценти жени на одредени управувачки позиции, а повторно да имаме организација во која одлуките, приоритетите и начинот на работа не се родово сензитивни. Затоа за мене разликата е меѓу родова застапеност и родова еднаквост. Не е доволно да прашаме: „Колку жени има?“ Треба да прашаме: „Дали тие жени имаат еднаква можност да зборуваат, да влијаат, да носат одлуки и да го менуваат начинот на кој функционира организацијата?“.

🎯Што треба да се промени во спортските организации?

„Треба да се менуваат и формалните и неформалните структури. Формалниот дел е важен – законите, подзаконските акти, стратегиите, статутите, правилниците, квотите. Но, организациите не функционираат само преку она што е напишано во статутот. Тие функционираат и преку непишани правила, навики, очекувања, односи на моќ и организациска култура. И токму тука мислам дека често го заобиколуваме суштинскиот проблем. Може да биде сосема прифатливо една жена да биде гласна, да го каже своето мислење и да биде сигурна во себе. Но, ако нејзиното мислење од другата страна не е прифатено, ако е омаловажено, игнорирано или дури манипулативно искористено против неа, тогаш повторно ја ставаме жената во многу тешка позиција.

Таа знае дека има право да зборува, но институцијата во која се наоѓа не ѝ овозможува нејзиниот глас да има вистинска тежина.

Затоа родовата еднаквост треба да ја разбираме како холистички процес. Не можеме да ја смениме само формалната структура, а да ги оставиме непроменети културата, практиките и односите според кои организацијата функционира“.

🎯Зошто е важно и самите жени да ја препознаат оваа реалност?

„Затоа што мислам дека и ние жените понекогаш ја поедноставуваме сопствената приказна. Многу често слушам во интервју дадено од жените: „Не е важно дали си маж или жена, важно е да не се откажуваш.“ Секако дека е важно да не се откажуваш. Но, не е точно дека не е важно дали си маж или жена. Тоа многу зависи од околностите во кои ја започнуваш и ја градиш својата кариера. Од самото раѓање, преку воспитувањето, образованието, пристапот до спорт, очекувањата од семејството и средината, па сè до начинот на кој те гледаат тренерите, колегите и институциите – жените и мажите не ја започнуваат трката од иста позиција.

Затоа сакам жените да знаат дека успехот не е само резултат на тоа што биле упорни и не се откажале. Да, упорноста е важна. Но важно е да препознаеме и дека една жена која успева да изгради кариера, да се наметне, да зборува гласно и да влијае во спортот го прави тоа во средина која историски не била создадена околу неа. И тоа треба да го знаеме. Не за да се гледаме себеси како жртви, туку за да разбереме со какви бариери се соочуваме и што всушност треба да менуваме“. 

🎯Многу се зборува за родова еднаквост, но сè уште има забуна околу терминот. Што значи „родова“, а не „полова“ еднаквост?

„Ова е многу важно да се разбере. Полот се однесува на биолошките карактеристики со кои се раѓаме. Родот се однесува на општествените очекувања, улоги и значења што општеството ги поврзува со тоа дали сме мажи или жени. Затоа зборуваме за родова еднаквост. Јас, на пример, не се борам да го променам мојот пол. Јас сум сосема задоволна што сум жена. Она што сакам да го променам се очекувањата што општеството ги поставува пред мене затоа што сум жена – што треба да бидам, како треба да се однесувам и каде е „моето место“. И токму тоа е многу важно да го разбереме и во спортот“.

🎯Што би значело еден спортски клуб или федерација навистина да биде родово сензитивна?

„Не само да има комисија за родова еднаквост или една реченица во статутот. Би значело жените да чувствуваат дека припаѓаат таму. Да чувствуваат дека се добредојдени, дека нивниот глас се слуша и дека имаат реална можност да влијаат. Тоа значи да ја погледнеме целата организација – начинот на кој се носат одлуките, кој е поканет на масата, кој зборува, а кој слуша, кој добива можности, како се избираат лидерите, како се распределуваат ресурсите и како се реагира кога некој ќе укаже на проблем. Тоа е многу повеќе од формална еднаквост.

Мислам дека вистинската промена ќе ја видиме тогаш кога жената нема само да биде присутна во организацијата, туку ќе почувствува: „Ова е и мое место. Имам право да бидам тука и мојот глас има тежина.“


Податоци од истражување направено од Силвија Митевска, Бојана Јовановска, Елена Кочоска во 2025 година.

-Жените се значително помалку застапени на раководни позиции, како што се претседатели и генерални секретари, каде што тие сочинуваат приближно 13% и 17% од позициите, соодветно. Покрај тоа, родовата нерамнотежа е очигледна и во составот на гене­ралните собранија и извршните тела, каде што мажите доминираат со 83% и 77% застапеност.

-Иако 77% од организациите декларираат дека родовата еднаквост е дел од нивните стра­тегии, само 27% ја имаат интегрирано во своите статути, а во повеќето случаи таа е делумно спроведена или воопшто не се спроведува. Само 13% од организациите имаат воспоста­вено родови квоти, а политиките за лица со попреченост се уште помалку присутни и често остануваат на декларативно ниво.


 

ПретходноЛоши вести од Штип: Калпачки ги скина лигаментите!
СледноАлкалоид во „лов“ на прва победа во регионалната лига