Македонија и Бугарија го отвораат Европското првенство утре (9 септември). Натпреварот е од групата Б и е во 18:00 часот во Арена Софија.
За еден од нашите одбојкари – искусниот примач Александар Љафтов, натпреварувањето е поспецијално. Асот има неколку сезони зад себе во редовите на Хебар (Пазарџик), со кого освои неколку трофеи.
Љафтов разговараше со BGvolleyball.com неколку часа по пристигнувањето во бугарската престолнина, наведувајќи дека натпреварот домаќинот ќе биде најтежок за него и неговите соиграчи. Еве што друго сподели:
„Се чувствувам многу добро на бугарска почва – поминав 4 одлични години во Пазарџик. Да, различно е да се натпреваруваш со клубот и со репрезентацијата. Сега е уште поспецијално бидејќи ќе играм со репрезентацијата. Сепак, не можам да негирам дека имав прекрасни моменти со Хебар – освојувајќи ги сите трофеи – првенството, Купот и Суперкупот.“ посочи Љафтов и продолжи…
„Се надевам дека со нашата игра можеме да покажеме што можеме да направиме. Нашите шанси се најмногу во нашите последни два натпревари. Атмосферата во тимот е одлична, како и во сите изминати години. Влегуваме во натпреварувањето со желба и ентузијазам“, додаде Македонецот.
„Бугарија како домаќини, сте најтешкиот противник, салата ќе биде полна. Знаеме дека оваа бугарска репрезентација е светски вицешампион. Нема да биде полесно против Полска. Ќе се обидеме да ја играме нашата одбојка. Затоа сме тука во секој случај“, истакна Љафтов.
„Се надевам и посакувам дека ќе има македонски навивачи во салата, но малку е веројатно дека тоа ќе се случи… Сепак, сигурен сум дека нашите најблиски луѓе ќе бидат тука и ќе нè поддржат соодветно“, заклучи Љафтов.










