Време е за РАКОМЕТ – стартува 6-тата сезона на „Ракомет За Секое Дете“

16

Нова сезона. Нови деца. Истата љубов кон ракометот.

Со почетокот на новата учебна година стартува и шестата сезона на проектот „Ракомет За Секое Дете“, кој и годинава продолжува со мисијата ракометот да им го доближи на најмладите.

Време е за ракомет!“ е слоганот под кој ќе се одвива годинешната промотивна кампања, која во текот на септември ќе донесе низа активности на отворено, со демо-тренинзи и натпревари во мини и голем ракомет.

Целта е едноставна, што повеќе деца од 6 до 13 години да се запознаат со ракометот, да влезат во сала, да стекнат нови пријателства и преку игра и дружење да ги почувствуваат вредностите што ги носи спортот.

Активностите ќе се реализираат на повеќе локации во Скопје и Велес, каде што функционира проектот, а настаните ќе бидат отворени за сите заинтересирани деца. На тој начин, најмладите ќе имаат можност директно да учествуваат во тренинг и да почувствуваат како изгледа еден ракометен ден.

– Ракометот во Македонија со години е спорт број еден, што го потврдуваат резултатите на клубовите и националниот тим. Но, не смееме да бидеме задоволни само со тоа. Ако сакаме ракометот да има иднина, мора да бидеме присутни таму каде што се децата, во маалата, парковите и на отворените игралишта.

Минатата година прашавме „Дали е некој за ракомет?“. Оваа година велиме: „Време е за ракомет!“. Време е децата да се вратат на спортот, на дружењето и во салите. Нашата цел е ракометот да им биде достапен и интересен на што поголем број деца, без разлика дали еден ден ќе станат врвни спортисти или ракометот ќе остане дел од нивното детство.“ – вели Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“.

 

Годинешната кампања доаѓа во период во кој дигитализацијата и променетиот начин на живот значително влијаат врз навиките на најмладите. Токму затоа, од проектот велат дека е неопходно спортот да се приближи до новите генерации, наместо да се очекува тие сами да го побараат.

– Навиките на децата се променија. Денес конкуренцијата за нивното слободно време е огромна и затоа спортот мора да најде начин да им стане повторно интересен. Нашата прва задача е да ги внесеме во сала, но уште поважно е да создадеме средина во која тие ќе сакаат да останат.

Ракомет За Секое Дете“ не е проект чија основна цел е производство на репрезентативци. Ако од нашите редови излезе врвен спортист, секако дека ќе бидеме горди. Но, за нас успех е и дете кое ќе научи да функционира во тим, да ги почитува другите, да има дисциплина, да се дружи и да расте во здрава спортска средина. Тоа е вредноста која сакаме да ја создадеме. Од оваа сезона, „Јуниор Куп“ го отвораме и за школи и екипи надвор од проектот, за деца родени во 2017 година и помлади. Целта е децата од најрана возраст да имаат можност во текот на годината да одиграат доволен број натпревари, со што ќе се поттикнат нивната анимација, натпреварувачкиот дух и желбата за напредок, но и ќе се овозможи проверка и надградување на веќе стекнатите знаења.“– додава Ѓоргоноски.

Проектот „Ракомет За Секое Дете“ започна во 2021 година и денес функционира преку три сегменти: школо за ракомет во Скопје и Велес, „Јуниор Куп“, турнирски систем во мини-ракомет, и меѓународниот ракометен камп „40х20“, кој секое лето се одржува во Охрид.

Во изминатите сезони, проектот низ своите активности опфати стотици деца, а преку школата, турнирите и кампот создаде можност најмладите да го запознаат ракометот и спортот на поинаков начин. 

Време е за нова сезона. Време е за нови деца. Време е за ракомет!

Се гледаме во сала – повик до сите деца кои сакаат да трчаат, да играат, да се дружат и да бидат дел од еден тим.

Спортски поздрав,

Горан Ѓоргоноски

Координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“No description available.No description available.No description available.No description available.No description available.

No description available.

ПретходноСудии за ПМФЛ: Стојчевски “главен“ на дербито во Кавадарци
СледноВелика Гоцевска: Горда сум на успесите на мојот клуб, Фламинго Волеј за мене е многу повеќе од одбојка