Попладнево од 15:45 часот во Кратово се игра уште еден натпревар од 7.коло во нашата елитна лига. Се среќаваат домашниот тим на Силекс и Брегалница во битка на истокот.
Ова е двобој на две екипи кои се во резултатска криза, ако се сметаат нивните натпревари Силекс е поразен на последните три во низа, додека Брегалница на последните два. Токму затоа денешниот дуел и за двете екипи и тоа како е добредојден да се обидат да дојдат до победа, до бод(ови) и со тоа колку толку да ги залечат раните.
Посебно Силекс е под притисок. По одличниот старт во новата сезона четата на Александар Васоски нанижа три порази во серија и тоа од Вардар, Шкендија и Струга, од директните ривали за највисок пласман и затоа кратовци место да се горе на табелата тие се во моментов на седмата позиција на табелата.
Ова значи дека Васоски и неговите избраници денеска мора, ама баш мора да освојат три бода. Во спротивно секако дека нема да биде пријатно за сите во клубот. Четири порази во низа секако дека не е тоа што се очекува од еден од нашите најдобри клубови.
Брегалница е осма на табелата со шест бода, еден помалку од Силекс. По заминувањето на Никола Кузманов, раководството на клубот сеуште нема назначено официјално шеф на стручниот штаб, па така и денеска тимот ќе биде предводен од помошниците.
Во секој случај се очекува голема битка, бодовите се повеќе од потребни и за двете екипи. Мечот почнува во 15:45 а главен судија ќе биде Благојче Ралевски.















