Мексиканскиот фудбал се соочува со сериозна истрага по одлуката да продолжи суспензијата на системот за промоција и испаѓање меѓу првата и втората лига. Мексиканската Комисија за економска конкуренција отвори официјална истрага поради сомнежи дека одлуките на Фудбалската федерација и клубовите од највисоката лига може да претставуваат ограничување на конкуренцијата.
Системот на промоција и испаѓање е суспендиран уште од 2019 година, а првично беше најавено дека ќе биде вратен до 2026 година. Сепак, сопствениците на 18-те клубови од највисоката лига неодамна изгласале продолжување на суспензијата. Одлуката предизвика реакција кај клубовите од втората лига, кои сметаат дека им е одземена можноста спортски да се изборат за пласман во елитата. Во протестите се вклучија и фудбалерите од второлигашките клубови.
Дополнителен спор предизвикуваат и условите што ги поставува Федерацијата за клубовите кои сакаат да бидат дел од највисоката лига. Меѓу нив се и строги инфраструктурни критериуми, особено во однос на стадионите.










