Време е за победа: Македонија преку Пиринеите до прва карта за осминафинале

87
фото: CEV.eu

Попладнево во „Арена 8888“ во Софија (15 ч.), Македонија и Португалија ќе го одиграат еден од најважните натпревари во завршницата од групната фаза на Европското првенство. Двете селекции влегуваат во меѓусебен дуел без победа, со тоа што Португалците по поразот од Изрел со 3:2 веќе го освоија првиот бод во групата, за разлика од нашата селекција која претрпе три убедливи порази.

Португалците досега оставија нешто подобар впечаток, а Македонија мора веднаш да го подобри приемот и реализацијата во нападот, сегменти кои можат да бидат клуч кон првата победа. Александар Љафтов е најдобриот стрелец на Македонија во финалната фаза со 18 поени и повторно ќе биде една од главните опасности за противничкиот блок, но плус за Македонија е враќањето на капитенот Никола Ѓоргиев, кој по „прескокнувањето“ на мечот со Полјаците, ќе најде сили да им помогне на своите соиграчи во трката за прв триумф на ова ЕП.

Важна улога во нашиот тим ќе имаат и Филип Савовски и Филип Маџунков, особено во играта на мрежа. Португалија, пак, има повеќе напаѓачки опции, предводени од Лоренсо Гарсија Мартинс и Александре Фереира, па македонскиот блок ќе мора да биде исклучително концентриран.

За Македонија ова е и шанса да покаже дека трите досегашни порази не се вистинската слика за потенцијалот на тимот. Со дисциплиниран прием, храбар сервис и помалку непотребни грешки, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски можат да ја обезбедат првата радост за македонските фанови.

За жал, статистиката против Португалците не ни оди во прилог. Португалија е непоразена во последните три натпревари со Македонија. Загубивме со 3-0 во квалификациите за Светското првенство во јануари 2014 година и двапати бевме поразени во три сета во квалификациите за ЕвроВолеј во мај 2010 година.

Со оглед на искуството од првите три средби, денеска очекуваме за нијанса подобра посетеност на нашите навивачи, со оглед на тоа што бројката од педесетина, се надеваме дека ќе се двостручи.

Судии на натпреварот ќе бидат Турчинот Чанер Чилдир и Србинот Дејан Рогиќ.

ПретходноМексиканските второлигаши кренаа бунт против Федерацијата
СледноДодека Пандев дојде за Македонија, ти остана во Наполи за најважниот меч на Косово