Нов младински национален рекорд за Дарија Крстевска на 3000 метри стиплчез

25

Македонската атлетичарка Дарија Крстевска постави нов национален рекорд за младинки под 20 години во дисциплината 3000 метри стиплчез, на Купот на Македонија за младинци и младинки, кој изминатиот викенд се одржа во Велес.

Крстевска, која настапува за АК Олимп, ја заврши трката со резултат 12:09.33, со што за повеќе од десет секунди го подобри досегашниот младински национален рекорд од 12:19.8, поставен од Александра Митроска на 19 јуни 2010 година во Марса.

Новиот национален рекорд претставува уште еден значаен успех за младата македонска атлетичарка и потврда за нејзиниот континуиран напредок и успешните настапи во текот на оваа сезона.

Атлетската федерација на Македонија и го честита постигнатиот резултат на Дарија Крстевска и на нејзиниот тренер и им посакува многу успех на претстојните натпреварувања.

ПретходноСтигна промоција од Азербејџан: Јетон Беќири и Габала во “врска” од 1+2 години
СледноПовредата на Богдановски е голем проблем за Силекс