Штета: Францускиот гигант од пораз до среќна победа во скопскиот пекол (ФОТО)

157

Вардар оствари пораз и во вториот натпревар во Лигата на шампиони, овој пат пред своите навивачи беше совладан од Нант со 32-33 (15-16). Ова беше прв меч за македонскиот првак на домашен терен оваа сезона, но и прва после четири години во ова натпреварување. Трибините беа исполнети до последното место, беше вистински празник на ракометот.

Трагичар на мечот беше Јака Малус кој три напади по ред не успеа на својот тим да му го даде потребниот ветер во грб. Останува „црвено-црните“ да жалат што не дојдоа до првиот триумф.

Абделхак имаше 10 гола, шест Малус, по пет Воркапиќ и Љевар.

Со три одбрани на Гогов и исто толку голови, Вардар го отвори мечот (3-0). На Нант му беа потребни цели четири минути за да ја погоди мрежата на македонскиот првак 3-2. Гостите дојдоа до изедначување, ги најде „пукнатините“во одбраната на „црвено-црните“, во осмата минута беше 7-7. И не застанаа, приредија целосен пресврт, со серија од 5-0, запишаа плус 4 (8-11) во 17-та минута. Во меѓувреме Чупиќ повика тајм-аут, но истиот не вроди плод, беше и 8-12.

Малус стави крај на налетот на противникот, Вардар поентираше после седум минути (9-12). Тргна „возот“, со поддршка од трибините, се врати неизвесноста, Валах влезе во серија, а „црвено-црните“ дојдоа на минус еден 11-12, не искористија напад за изедначувње. Следеше казна изразена во три гола за 11-15.

Исклучување за Нант, шанса за Вардар. Одбраната стана поцврста, а притисокот поголем, па на стартот на второто полувреме налетот на македонскиот тим продолжи, со голот на Абделхак изедначи на 16-16.

Нант беше во гол позитива, Љевар при 20-20 не искористи напад да донесе водство на својот тим. Се играше гол за гол, францускиот тим некако се носеше со притисокот, но и наоѓаше начин како да ја пробие одбраната.

На средината на вториот дел беше 24-26, момент за тајм-аут за Чупиќ. Малус, Љевар, Абделхак и Воркапиќ одговорија веднаш за водство од 29-27 и вистинско лудило на трибините во 52-та минута. Нант успеа да изедначи на 29-29, но овој пат Вардар ја имаше минималната позитива.

На две и пол минути до крајот резултатот беше 32-32, македонскиот тим немаше право на грешка. За жал, Малус ја загуби топката, но Гогов беше на вистинското место во вистинско време. И Млаус повторно не успеа, овој пат неговиот удар заврши во противничката мрежа. Останаа 30 секунди до крајот, Нант доби пенал и реализира за 32-33. Малус повторно беше трагичар.

Следниот меч Вардар во ЛШ го игра на 8 октомври против Висла на домашен терен.

ПретходноИ Стефан Ристовски го бодри својот Вардар
СледноИ покрај болниот пораз,„Комити“ скандираа: Јака Малус!