Дарко Велковски не ни беше спомнат од Седлоски

412

Дали со заминувањето од Вардар во бахреинскиот тим Ал Халидија, Дарко Велковски се „избриша“ од националниот тим на Македонија?

Искусниот стопер дочека да не биде ниту споменат на прес-конференцијата на селекторот Гоце Седлоски во средата, кога беше објавен списокот на фудбалери за престојниот циклус од Лигата на нации.

Фудбалерот кој до вчера беше дел од Вардар и имаше голем удел во освојувањето на титулата, во средата, на денот кога не ни беше „спомнат“ од селекторот, беше прогласен за МВП – играч на натпреварот за Ал Халидија во азиската Лига на шампионите.

Тимот од Бахреин на домашен терен одигра 0:0 против Насаф Карши од Узбекистан, а Велковски беше еден од најдобрите на теренот.

Дефанзивецот, кој има 31 година, зад себе има 55 настапи за Македонија, но и е стрелец на еден од најважните голови во нашата фудбалска историја – оној против Косово во баражот по кој се отворија портите кон настапот на Европското првенство во 2020 година.

Велковски настапи за репрезентацијата на последните три од вкупно четири натпревари кои ги предводи новиот селектор. Сега, Седлоски одлучи да оди во важните битки без фудбалерот кој е вистинска реткост за нашиот фудбал.

Играч кој има настапи и на младинско и на сениорско Европско првенство со националниот тим, кој беше дел од баражите за Светското првенство, ги доживеа големите победи, како онаа против Германија во која беше споредуван со Кајзер, но и играше во групната фаза од Лигата на Европа со Вардар.

Можеа барем да го споменат и да кажат: „Поради тоа и тоа, фудбалерот не е во сегашните планови“.

Но, не беше ниту споменат.

ПретходноЖесус го објави составот на Португалија – Роналдо не се откажува
СледноЈамал повторно направи бура – ​​зошто не Хари Кејн или некој од Париз?