Соопштение: ММТ Групација ДООЕЛ Кочани ќе поднесе кривична пријава против раководството на ОФС Кочани

211

Денеска на нашиот службен мејл ни пристигна соопштението од ММТ Групација ДООЕЛ Кочани, во кој се наведува дека од нивна страна ќе се поднесе кривична пријава против раководството на ОФС Кочани. Посебно е апострофиран претседателот на ова ОФС, Александар Андов, кој воедно е и селектор на нашата женска фудбалска репрезентација.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

ММТ Групација ДООЕЛ Кочани ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Кочани против Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани и против одговорните лица, меѓу кои и Александар Андов, во својство на претседател на ОФС Кочани.

Кривичната пријава ќе се однесува на сериозни сомневања кои мора да бидат предмет на институционална проверка, особено во однос на натпреварите од Општинската лига на Кочани.

Од надлежното обвинителство ќе биде побарано да утврди:

  • дали сите натпревари од Општинската лига заведени како одиграни навистина биле одиграни;
  • дали за секој натпревар постојат оригинални службени записници и билтени;
  • кој ги составувал, потпишувал и заверувал записниците;
  • дали податоците во записниците одговараат на фактичката состојба;
  • дали во службени исправи биле внесувани невистинити податоци;
  • кој ги внесувал резултатите во службената евиденција;
  • дали врз основа на таквата документација биле вршени исплати на судии, делегати или други службени лица.

Посебно ќе биде побарано да се испита улогата на Александар Андов, како претседател на ОФС Кочани, во организацијата на натпреварите, водењето и заверувањето на службената документација, регистрацијата на резултатите и евентуалните финансиски исплати.

ММТ Групација ДООЕЛ ќе побара да се утврди дали евентуалното внесување невистинити податоци во службени записници и билтени ги содржи елементите на кривичното дело „Фалсификување службена исправа” согласно член 361 од Кривичниот законик. Во пријавата ќе биде опфатена и проверката на евентуално незаконско плаќање или стекнување противправна имотна корист согласно член 355 – „Измама во службата”.

Прашањето е едноставно: ако натпреварите се одиграни – нека се докаже со оригиналните записници, делегатските и судиските извештаи и другите докази. Ако некој натпревар не е одигран, а е евидентиран како одигран – тогаш институциите треба да утврдат кој ја внел невистината во службената документација и со која цел.

ММТ Групација ДООЕЛ не ја прејудицира вината на ниту едно лице. Но, бара целосна и независна проверка и одговорност доколку се утврдат незаконитости.

Документите треба да зборуваат.
Фактите треба да одговорат.
Ако има фалсификување – одговорност мора да има.

ПретходноХУМАНОСТА КАКО ТРАДИЦИЈА: „АЛКАЛОИД“ СО НОВА ДОНАЦИЈА ЗА ЗДРАВЈЕТО НА НАЈМЛАДИТЕ
СледноФОТО ВЕСТ: Ракометарите на Алкалоид и Мулти Есенс беа дел од хуманитарниот пикник на компанијата „Алкалоид“