МЗТ Скопје со нов спонзор во сезоната со три фронта

201

МЗТ Скопје влегува во новата сезона со амбиции на три фронта. Покрај настапите во домашното првенство, македонскиот шампион ќе се натпреварува и во АБА2 лигата, како и во ФИБА Европа купот.

На денешната прес-конференција беше претставена и новата соработка на клубот со „Алта Банка“, договор кој според раководството на МЗТ Скопје претставува уште една потврда за сериозноста на проектот.

Претседателот на Управниот одбор на МЗТ Скопје, Никола Трајчевски, изрази задоволство што клубот добива поддршка од компанија која ја препознава неговата амбициозност.

„Радува фактот што една компанија што во својот корпоративен идентитет ја има кошарката на регионално ниво ја препозна амбициозноста на МЗТ Скопје. Благодарност до луѓето од Алта Банка за склучената соработка. Додаваме уште една сериозна компанија која е подготвена да ги следи амбициите на МЗТ, не само во оваа сезона, туку и на долг рок.

Секако, приоритетна амбиција останува влезот во АБА1 лигата преку освојување на АБА2, со што следната сезона би имале евролигашки екипи овде во Скопје“, истакна Трајчевски.

Од „Алта Банка“ исто така ја истакнаа важноста на партнерството со македонскиот шампион, нагласувајќи дека нивната поддршка не се однесува само на деловниот аспект.

„Би сакал да изразам задоволство што денеска ја потврдуваме соработката со МЗТ Скопје, клуб кој има силен печат во македонската кошарка. Алта Банка како банка што се развива и гради силно присуство во македонското општество сака да биде активен дел од заедницата во која работи.

Улогата на една компанија не завршува само со услугите што ги нуди. Важно е да се поддржат силни иницијативи, младите и спортот, но и организациите кои ги обединуваат луѓето. Во МЗТ препознавме таков клуб“, изјави членот на Управниот одбор на „Алта Банка“, Стефан Николиќ.

ПретходноДебитантите први пристигнаа во националниот табор
СледноГаштаров: Чест и привилегија е да се биде дел од А репрезентација