ПМФЛ: Струга ТЛ го УНИШТИ Арсими – Радески со хет-трик!

145

Струга ТЛ – Арсими 6:0 е исходот од денешниот меч во Струга во рамките на 8.коло во нашата елитна фудбалска лига. Петта победа на свој терен во исто толку мечеви. Па така сега тимот на Бледи Шкемби одново е на -2 бода во однос на лидерот Шкендија.

Блескаше Радески со хет-трик, стрелаа и Алии, Рочи и Шабани.

Моќна, моќна е оваа Струга ТЛ, тим кој што денеска и дефнитивно се промовира и тоа како како сериозен кандидат во битката за титулата

И веднаш, само што судијата Бењамин Керими означи почеток на мечот, домашните ја презедоа иницијативата со цел да дојдат до ран гол. Малески и Диако први се заканија, а Радески во 14.минута имаше зицер, но гол немаше. Нешто подоцна Струга ТЛ успеа да ја затресе мрежата на одличниот Силјановски преку Бојку, но по 3-4 минути проверка истиот беше поништен поради офсајд. Четата на стратегот Бледи Шкемби не застана, и натаму се играше агресивно и напаѓачки. Малески повторно во два наврати беше во шанса, и Кола имаше шанса, но на одмор се замина со тие почетни 0:0.

Во продолжение од средбата домашните и натаму беа тие кои што ја контролираа играта, сепак се чини дека сега нешто потешко доаѓаа до добра шанса за евентуално водство. Гостите како да одиграа на повисоко ниво.

И токму во тие моменти Струга ТЛ дојде до водство и тоа со голот на Марјан Радески кој шутираше од околу 18 метри, а голанот на гостите Силјановски не беше најдобро поставен, таа му се склизна од рацете и влезе во неговата мрежа за 1:0 за Струга ТЛ. Конечно водство на фаворитот и тоа апсолутно заслужено.

Ова беше јубилеен 30-ти гол за Радески во дресот на Струга ТЛ во ПМФЛ.

Во 62.минута гостите останаа со играч помалку откако Мислими поради фаул, доби втор жолт, односно црвен картон.

Тоа веднаш го искористија домашните. Се играше 67.минута кога Хамза прекрасно центрираше, а Радески со глава просто ја заби топката во голот на Арсими за 2:0.

Алији три минути подоцна стрела и за 3:0, убав гол за младиот Алији. Тука веќе беше познат победникот на овој меч, ако веќе и претходно имаше некакви дилеми.

Марјан Радески продолжи да го полни Арсими, на додавање на Шабани, тој стрела за 4:0, ова е веќе негов хет – трик.

Блескава партија на Радески.

Сепак и ова не беше се од Струга ТЛ. Само што влезе во игра Флоријан Рочи стрелаше за 5:0. Вистинска рапсодија на домашните фудбалери. А Шабани само става точка со гол за конечни 6:0.

ПретходноОдредени двојките за новата сезона во Првата и Втората футсал лига
СледноОбемот на планетата е 40.000 км, а Рафиња за неколку дена ќе мине 35.000 км