Три победи во шест меча за кик бокс експедицијата на Македонија на светското во Италија

36

Македонската кикбокс репрезентација забележа половичен успех со три победи и три порази на првиот натпреварувачки ден од Светското јуниорско првенство во Лидо ди Језоло, Италија.

​Милан Нешевски оствари импресивна победа во ринг дисциплините, совладувајќи го Португалецот Мартим Серето со прекин уште во првата рунда.

Успешен настап во рингот имаше и Глигор Николов, кој со убедливи 3:0 славеше над Мухамадиброхим Рафикжонов од Киргистан. Во татами дисциплините, Марко Баснарков забележа сигурна победа против Италијанецот Кристијан Арборе.

​Настапите на Светското првенство тука завршија за тројца македонски репрезентативци. Димитар Јачев претрпе пораз на татами од Ејдан Џон Брумер од Јужна Африка, а во истата дисциплина загуби и Драган Пандев од Ејдан Лок од Велика Британија. Во рингот, Давид Атанасовски беше поразен од грчкиот натпреварувач Танасис Героглус.

​Селекторот на репрезентацијата, Дејан Митровски – Урко, изрази задоволство од прикажаното на борилиштата. Тој истакна дека е задоволен од првиот натпреварувачки ден, посочувајќи дека станува збор за млади борци на кои им е потребно искуство и дека ваквите големи првенства служат токму за тоа.

ПретходноСловенија во огромни проблеми, покрај Шешко отпаднаа уште двајца репрезентативци
СледноПораз на Ѓорческа на ВТА 125 турнирот во Анкара