Македонската кикбокс репрезентација забележа половичен успех со три победи и три порази на првиот натпреварувачки ден од Светското јуниорско првенство во Лидо ди Језоло, Италија.
Милан Нешевски оствари импресивна победа во ринг дисциплините, совладувајќи го Португалецот Мартим Серето со прекин уште во првата рунда.

Успешен настап во рингот имаше и Глигор Николов, кој со убедливи 3:0 славеше над Мухамадиброхим Рафикжонов од Киргистан. Во татами дисциплините, Марко Баснарков забележа сигурна победа против Италијанецот Кристијан Арборе.

Настапите на Светското првенство тука завршија за тројца македонски репрезентативци. Димитар Јачев претрпе пораз на татами од Ејдан Џон Брумер од Јужна Африка, а во истата дисциплина загуби и Драган Пандев од Ејдан Лок од Велика Британија. Во рингот, Давид Атанасовски беше поразен од грчкиот натпреварувач Танасис Героглус.

Селекторот на репрезентацијата, Дејан Митровски – Урко, изрази задоволство од прикажаното на борилиштата. Тој истакна дека е задоволен од првиот натпреварувачки ден, посочувајќи дека станува збор за млади борци на кои им е потребно искуство и дека ваквите големи првенства служат токму за тоа.











