Кикбокс федерацијата до Борко Ристовски: Министерот, ако не сака да помогне, нека не ни одмага со јавни клевети, лични закани и притисоци!

309

Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) испрати соопштение до нашата редакција за Министерот за спорт, Борко Ристовски и неговиот однос кон оваа федерација, како неговата негрижа кон спортистите кои на Светското јуниорско првенство отпатуваа без помош од страна на човекот која треба да биде нивниот најголем ветар во грб.

Од КМФМ велат дека за сите останати обвинувања од страна на министерот Ристовски, обвинувања и анимозитет кон федерацијата кои траат од моментот на седнување на Борко Ристовски во министерската фотеља, на адреса на Федерацијата и претседателот Митровски ќе говорат јасно и аргументирано по завршувањето на светското јуниорско првенство.

Во продолжение можете да го прочитате во целост нивното соопштение:

„Во интерес на јавноста и пред сè, на нашите спортисти, сакаме кратко и јасно да појасниме дека токму тоа што го изјави министерот Ристовски е она што Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија, всушност, го очекува и го бара.

Имено, министерот во својата изјава рече цитирам: „Меѓутоа ако и до толку му е проблем да обезбеди 10.000 евра, еве нека ја донесе фактурата за сместувачките капацитети и за превозот на дечињата, дополнително ќе биде финансирана таа федерација, …“

КМФМ го поздравува ова јавно уверување и по завршувањето на првенството ќе ги достави до Министерството за спорт соодветните фактури и документација за трошоците за сместување и превоз на македонската јуниорска кикбокс репрезентација, со очекување тие средства да бидат дополнително обезбедени и исплатени согласно даденото јавно ветување.

Она што сакаме особено да го нагласиме е дека, доколку средствата бидат обезбедени и исплатени од страна на Министерството, КМФМ ќе ги врати на сметките на младите репрезентативци, средства што тие лично ги уплатиле за учеството на ова првенство. Сите останати трошоци, вклучително и трошоците за болничко лекување на еден од нашите репрезентативци кој се здоби со посериозна повреда во текот на вчерашните борби, борејќи се за Македонија, ќе ги подмири Федерацијата.

Нашата цел никогаш не била да бараме нешто повеќе од она што реално им е потребно на нашите спортисти. Напротив, сакаме систем во кој спортисти ќе можат да настапуваат на големите меѓународни натпревари претставувајќи ја Македонија, без финансискиот товар да паѓа врз нив и нивните семејства.

Мудрите луѓе велат: ‘Не е важно дали мачката е бела, црна или шарена; важно е дали таа лови или не лови глувци’. Во нашиот случај лови најмногу медали, неспоредливо со ниту една друга спортска федерација во Македонија.

На толку успеси и освоени медали под мое водство на федерацијата, плус селектор, тренер и поранешен натпреварувач со големи успеси, очекувам барем една честитка наместо напади, закани и клевети од министерот.

Јас заедно со сите членови на КМФМ ќе продолжиме да сме посветени на спортот и успесите на нашата мисија, бидејќи го бараме само заслуженото, а не милостиња. Министерот ако не сака да помогне, се надевам барем да не ни одмага со јавни клевети, лични закани и притисоци. Нема потреба од тоа. Функцијата е минлива, резултатите остануваат да се паметат во нашата работа.

Нека се концентрира на неговата работа, за да не дојде во ситуација некогаш нему да му го прават тоа што сега тој непотребно се заканува. Нека не создава непријатели на сите страни.

Мудрите политичари од непријатели создаваат пријатели. А тој сега има висока политичка функција, не е голман во ракомет. Тој е министер за да помага на спортот, особено на оние кои носат најмногу успеси, а не од позиција на моќ да се заканува на оние кои носат најмногу успеси на меѓународен план за земјата.

Го поканувам место јавно да се кара со нас, да не дискриминира и да ни се заканува од позиција на власт, да не посети како министер на еден тренинг со репрезентацијата, на пример на следните подготовки за престојното европско сениорско првенство кое ќе се одржи во Скопје во ноември, да поразговара со нас за тоа како ги правиме успесите, како финансиски се снаоѓаме и како со поддршка на државата, обединети место раскарани, би можеле да направиме уште поголеми успеси.

Во овој момент, сепак, не сакаме да се навлегува во дополнителни јавни полемики. Целиот фокус на Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија е насочен кон Светското јуниорско првенство во Италија и престојните финални борби на нашите натпреварувачи. За сите останати обвинувања од страна на министерот Ристовски, обвинувања и анимозитет кон нашата федерација кои траат од моментот на седнување на Борко Ристовски во министерската фотеља, на адреса на Федерацијата и претседателот Митровски ќе говоримe јасно и аргументирано по завршувањето на светското јуниорско првенство.

Нашите борци во моментов ги продолжуваат своите квалификациски борби, следуваат полуфиналните и финалните борби и нашата единствена желба е да им овозможиме максимална поддршка и најдобри услови за да го дадат својот максимум.

Се надеваме дека место меѓусебни обвинувања, во периодот што следува ќе преовладува поддршката кон македонски спортисти кои ја претставуваат нашата држава.

Нека биде фокусот на медалите, спортските резултати и македонското знаме.

Спортски поздрав,
Кикбокс Маитаи федерација на Македонија“, се вели во соопштените на Киксбокс Федерацијата. 

ПретходноИвановски застана во второто коло во Пардубице
СледноПромена во одбојкарскиот прволигашки систем: бараж за Прва А и Прва Б лига